ЕУ: Шенгенските правила остануваат и покрај барањата на превозниците од Западен Балкан

Објавено:

Шенгенските правила нема да се променат иако официјалните лица се свесни дека одредени категории, вклучувајќи ги и возачите на камиони, се соочуваат со проблеми при влегување и излегување од европските земји кои се дел од зоната на слободно движење, е ставот на Европската комисија(ЕК) што денеска го сподели Маркус Ламерт, портпарол на ЕК.

„Свесни сме дека одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници имаат потреба од пристап до Шенген зоната повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Ова важи за професии кои бараат висок степен на мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја“, кажа Ламерт на редовната прес-конференција демеска (1 септември).

„Во исто време, важно е да се нагласи дека системот за влез-излез не воведува никакви нови правила или нови барања во врска со должината на краткорочните престои во Шенген зоната. Ова не се променило“, додаде тој.

Неколку стотици возачи на камиони вчера протестираа во Сараево, Белград, Подгорица и во Скопје, пред зградите на делегациите на Европската Унија во тие градови. Возачите на камиони бараат решавање на прашањето за нивниот престој и работа во ЕУ, како и на професионалните возачи да им се дадат услови за престој прилагодени на спецификите на нивната работа.

Проблемот за превозниците почна со воведувањето на Системот за влез/излез (ЕЕС) во Шенген зоната. Тоа е автоматизиран ИТ систем кој го заменува рачни печати во пасошите за граѓани кои не се членки на ЕУ и влегуваат во Шенген зоната. Системот беше делумно воведен во октомври 2025 година и е целосно оперативен од април оваа година.

Главниот проблем за возачите на камиони не е само собирањето биометриски податоци на границата, туку и строго компјутерско следење на правилото за максимален престој од 90 дена во рамките на кој било 180-дневен период (правилото 90/180). Бидејќи системот ЕЕС автоматски ги регистрира пречекорувањата на престојот, професионалните возачи, поради природата на нивната работа, можат да ги искористат овие 90 дена за само два до три месеци, по што повеќе не можат легално да влезат во Шенген зоната, што им ги загрозува работните места и целата логистика на транспортот.