Транспортните превозници денеска одржаа предупредувачки протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, каде паркираа дваесетина товарни возила и побараа итно решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во шенген-зоната.
Протестот се одржува во пресрет на утрешниот состанок на работната група во Брисел, а истовремени протести се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Фото:Колегиум.мк
Генералниот секретар на „Макам транс“, Билјана Муратовска, истакна дека и покрај тоа што во јануари од Европската Унија било признаено дека професионалните возачи вршат дејност, веќе седум месеци, вели, ништо не е преземено за надминување на проблемот со правилото 90/180 дена.
- „Да го чуваш возачот во кафез, односно во затвор три, четири или пет часа и за да му провериш дали има или нема надминато денови, е благо речено страшна дискриминација и повреда на човековите права“, изјави Муратовска додавајќи дека возачите мора да бидат психички стабилни за да може уредно да учествуваат во сообраќајот.
- Со овој проблем директно се соочуваат речиси 17.000 професионални возачи во земјата, односно приближно 100.000 на ниво на целиот Западен Балкан. Поради немањето правна сигурност и разните толкувања на граничните премини од страна на надлежните службеници, дури 50 отсто од возачите во моментот одбиваат да возат.
Транспортерите, како што потенцираат, се клучниот двигател на целата економија и дека без нивниот увоз и извоз не може да се затвори кружниот циклус на капиталот.
- „Како фела не сме огромни ниту, пак, им ги загрозуваме работните места во Европа; напротив, ние ја вршиме својата дејност со превоз на лекови, стока и репроматеријали во двете насоки’, кажа Муратовска.

Министерството за транспорт денеска соопшти дека има целосно разбирање за предизвикот со кој се соочуваат македонските транспортери и активно и во континуитет се работи на изнаоѓање конкретни решенија за надминување на проблемот со земјите од шенген-зоната.
- „Во рамките на можностите со кои раполага Министерството се работи на склучување билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната бидејќи сметаме дека ова е најсоодветно решение – Македонија самостојно да го реши проблемот на транспортерите. Потенцираме дека такви договори веќе се склучија со Швајцарија, Хрватска и Романија. Интензивно работиме со владите на Австрија, на Германија и во септември се очекува да се одржи средба на високо ниво со владата на Австрија, а во октомври и со Словенија, со цел да се постигнат билатерални договори и со овие земји за издавање долгорочни визи за македонските транспортери“ соопштија од Министерството.
Бидејќи се работи за правила во шенген-зоната, се потенцира во соопштението, она што Владата преку Министерството за транспорт може да го направи и она што го има на располагање е да потпише билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната за издавање долгорочни визи.
Доколку на утрешниот состанок во Брисел не биде обезбедено преодно решение за статусот на возачите, превозниците најавија дека ќе ги радикализираат протестите со блокирање на граничните премини на секоја држава одделно.
ЕУ го воведе правилото 90/180 со цел да го спречи неконтролираниот прилив на мигранти, при што статусот на професионалните возачи во меѓународниот транспорт беше изедначен со статусот на туристите.


