Превозниците од Западен Балкан во Скопје ќе договараат што понатаму со правилата за Шенген зоната

Објавено:

Здруженија на превозници од Западен Балкан денеска, 11 август, во Скопје ќе одржат средба за да разговараат што ќе преземат понатаму за да се надмине проблемот со кој се соочуваат професионалните возачи на камиони и автобуси за престој во Шенген зоната.

Најавено е на средбата, покрај македонските домаќини, да учествуваат претставници на здруженијата од Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.

Тие бараат изземање од правилото со кое престојот се ограничува на 90 дена во период од 180 дена.

„Проблемот сè уште не е решен. Средбата се одржува за да ја утврдиме агендата на нашите идни активности“, изјави за државната агенција МИА Биљана Муратовска од Асоцијацијата на превозници – МАКАМТРАНС.

Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ, за српските медиуми претходно изјави дека испратиле писмо и до Европската Унија и побарале средба, предлагајќи таа да се одржи во Белград или во Брисел, но најверојатно ќе биде организирана онлајн, што не е форматот што тие како превозници го посакуваат.

Нивните очекувања се дека разговори би можело да има по 12 август со оглед дека до тој датум, како што рече Мандиќ, тројца надлежни директори од Директоратот на ЕУ за мобилност и транспорт се на одмор.

За потсетување, на крајот на јануари годинава превозниците од Србија и Босна и Херцеговина четири дена ги блокираа товарните терминали на граничните премини, но не беше најдено решение тие да бидат изземени од ограничувањето за престој во земјите од Шенгенскиот договор.

ЕУ го воведе правилото 90/180 со цел да го спречи неконтролираниот прилив на мигранти, при што статусот на професионалните возачи во меѓународниот транспорт беше изедначен со статусот на туристите.

По последната средба на превозниците од Западен Балкан, меѓународните транспортни компании ѝ предложија на Европската комисија до 10 август 2026 година да се изјасни како ќе го реши проблемот со овие возачи, но не добија одговор.