Професионални возачи од Македонија, организирани од транспортната Асоцијација „Макам-транс“, денеска од 12 до 14 часот ќе протестираат пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје затоа што бараат да се реши проблемот со ограничениот престој на превозниците во Шенген-зоната.
Станува збор за предупредувачки протест пред утрешниот состанок на Работната група во Брисел од кој превозниците очекуваат конкретно решение за нивниот статус по по воведувањето на системот за влез и излез во ЕУ – ЕЕС (Entry/Exit System), според кој државјаните од трети земји можат да престојуваат во земјите од Шенген најмногу 90 дена, во кој било период од 180 дена.
Како што иформираа од „Макам-транс“ пред седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе бидат паркирани дваесетина товарни возила, а ќе бидат присутни сопственици на транспротни компании, возачи и други вработени во овие компании.
Протести во истиот период од 12 до 14 часот ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина (БиХ) и во Црна Гора.
Македонските, како и професионалните возачи на камиони од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, од крајот на минатата година се соочија со проблем откако почна воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија (ЕЕС), според кој превозниците од Западен Балкан се регистрираат како туристи и можат да останат во земјите од ЕУ најмногу 90 дена, во период од 180 дена.
Станува збор за околу 17. 000 професионални возачи од Македонија, или околу сто илјади возачи од Западен Балкан бројката се искачува на сто илјади возачи на кои воведувањето на ЕЕС им предизвика проблем во работата.
ЕУ го воведе правилото 90/180 со цел да го спречи неконтролираниот прилив на мигранти, при што статусот на професионалните возачи во меѓународниот транспорт беше изедначен со статусот на туристите.
По последната средба на превозниците од Западен Балкан, меѓународните транспортни компании ѝ предложија на Европската комисија до 10 август 2026 година да се изјасни како ќе го реши проблемот со овие возачи, но не добија одговор.


