Трета птица со западнонилска треска кај Драмски театар, се намалува бројот на заболени

Објавено:

Бројот на новите случаи на западнонилска треска во земјава бележи пад, информира министерот за здравство, Сашо Клековски.

Од 24 до 31 август биле регистрирани вкупно пет нови случаи, од кои три се лабораториски потврдени. Тоа е значително намалување во споредба со претходните три недели, кога неделно имало меѓу девет и 11 случаи.
Најголем број хоспитализации бил забележан на 12 август, кога на болничко лекување биле 24 пациенти. Според податоците на Министерството за здравство (МЗ), мажите заболуваат 3,7 пати почесто од жените.

Ако заболените од западно-нилска треска досега беа од јужниот дел на Скопје, сега новите случаи се од северниот и источниот дел од Скопје, кажа Клековски.

Констатирана е трета заболена птица, гавран, кај Драмски театар, во Карпош.

Клековски рече дека сега ќе се фокусираат на мртвите птици надвор од Скопје. Тој апелираше до граѓаните да не пријавуваат распаднати птици бидејќи не можат да се извршат тестирања на такви птици.

Заклучно со денеска, во земјава се евидентирани 55 случаи на западнонилска треска, од кои 53 се потврдени. Повеќе од половината од пациентите веќе се пуштени од болничко лекување.

На Клиниката за инфективни болести, во моментов се хоспитализирани 19 пациенти со западно-нилска треска. Од нив, двајца се во тешка состојба, а тројца се екстубирани, информираше Фадил Цана, директор на клиниката.

Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Повеќето заразени немаат симптоми, а кај околу 20 отсто се појавуваат температура, главоболка, замор и болки во телото. Кај мал број случаи инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, како енцефалитис или менингитис.