Во Македонија досега се регистрирани 43 случаи и четири смртни случаи. Меѓу ризичните места за овој вирус што го предизвикуваат комарците, се посочуваат места со застоена вода, улици со многу септички јами, отпади со гуми, гробишта… Здравствените власти со порака до граѓаните дека средствата против комарци се безбедни и нема потреба од реакции против прскањето.
Вкупно 43 случаи на западнонилска треска има во Македонија. Од нив 40 се потврдени дефинитивно, а три засега се потврдени само со еден тест и ќе се прават дополнителни тестирања.
Новина е и што се регистрирани први случаи во општините Центар и Чаир, а лоцирана е и прва мртва птица заболена со овој вирус. Станува збор за гавран на територијата на Скопје.
Ова се најновите информации што денеска на прес-конференција ги соопшти министерот за здравство, Сашо Клековски, за состојбата со западнонилската треска за што е прогласена и епидемија во делови од главниот град.
„Треба да се заблагодарам на граѓаните, има голем број на дојави од нив и мртвите птици се собираат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) што помага да се прави натамошно лоцирање на западнонилска треска“, рече Клековски.
Овој вирус, досега одзеде и четири човечки жртви.
На прашање дали ќе се прошири опфатот на општини од скопскиот регион во кои е прогласена епидемија, Клековски рече дека за тоа ќе одлучи Центарот за јавно здравје – Скопје, но без разлика на тоа, тие во секој случај ќе ги преземаат потребните мерки.
Ризични зони – застоена вода, гробишта, септички јами, канали за наводнување
Министерот информираше и дека со градоначалниците прават „надоградба“ на досегашните активности за да ги лоцираат ризичните и високоризичните зони за вирусот односно места кои се „погодни живеалишта за комарците“ кои се извор на западнонилската треска. Сепак, предупреди и тој, „комарците не познаваат општински граници“ и затоа мора да се биде внимателен. Нивниот радиус на движење е од еден до два километри.
На пример, рече Клековски, во Чучер Сандево нема високоризично подрачје, но има на границата на оваа општина со Бутел.
„Критериуми за ризичност се застоеност на водата и високо ниво на органска материја. Значи, река која е проточна и има риби во нејзе не е ризик. Кога е проточна ризикот е помал, а ако има жив свет значи нема многу органски и распадни материи, а рибите се хранат со ларви. Во основа, за ризично подрачје водата треба да е застоена и да има отпад“, наведе Клековски.
Такви примери, како што посочи, се каналите за наводнување во Скопското поле, ископи од песок кои се наполнети со вода итн. Конкретно, проблематична е Серава во Арачиново и Бутел, каналите Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ во Гази Баба, главниот канал во Илинден, каналите Батинци и Студеничани во Драчево.
Покрај овие, здравствените власти лоцирале и други ризични зони што претходно не ги зеле предвид – улици и населени места со голем број на септички јами, гробишта заради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали, отпадите со стари гуми. Но, тука се и местата каде има хидранти, стари буриња, саксии со вода.
„Едно од прашањата што е разгледано беше дали е ризик наводнувањето на парковите – прскањето не е ризик, но ако се остави цревото и се поплави подрачјето секако може да биде ризик. Скршените јавни чешми, исто така, претставуваат одреден ризик“, вели министерот.
„Средствата за прскање се безбедни“
Една од главните пораки кон граѓаните со кои денеска настапија здравствените власти е дека средствата за прскање против комарци се безбедни. Сите средства, тврдат тие, се препорачани од Светската здравствена организација и во Македонија се почитуваа најновите препораки и стандарди за нивно користење.
„Сите средства се безбедни за луѓе, нема средства што се користат и се небезбедни за луѓе. За жал, заради реакции на граѓани често прскањата не се прават во оптималното време за тоа. Оптималното време е самрак кога комарците се најактивни, а прскањата обично се прават откако ќе престанат активностите на луѓето во населените места и тука губиме процент во ефективноста на прскањето“, рече Клековски.
Министерот се бранеше и од политичките обвинувањата околу појавата на епидемија со западнонилска треска во земјава нагласувајќи дека вирусот одамна го напуштил своето природно живеалиште – Африка и сега е распространет и во Европа и во Северна и Јужна Америка, како и дека ваквите епидемии немаат правила.
„Епидемиите немаат правило. Албанија лани имаше над 100 случаи, оваа година има 3 случаи. Во Италија во последните 10 години има години со 50 случаи, има и години со 750 случаи. Сигурен сум дека во Ломбардија, Милано и Венеција прскале секоја година на ист начин … Западнонилскиот вирус следи динамики кои се надвор од објективна контрола, климатски промени, рутина – движење на птиците итн. Епидемијата си има свој тек“, рече министерот.
Епидемија со западнонилска треска во земјава беше прогласена на 12 август во неколку скопски општини и населби: Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, и Јурумлери.


