Прогласена епидемија на западнинилска треска во неколку скопски општини и населби

Објавено:

Епидемија од западнонилска треска е прогласеба во неколку скопски општини и населби: Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, и Јурумлери.

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андоновски, заедно со претставниците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) – Скопје и Клиниката за инфективни болести, на денешната прес-конференција информираа за епидемиолошката состојба со западнонилска треска во земјава.

Според нив, од почетокот на годината има 24 потврдени пациенти заболени од западнонилска треска, а двајца се суспектни. Дваесет се хоспитализирани на Инфективната клиника, од кои пет се во тешка состојба. Најголем дел од заболените се пензионери.

До сега, има еден починат пациент, на 83-годишна возраст, кој, според здравствените власти, имал повеќе коморбидитети. Пет пациенти кои се примени на Инфективната клиника се во критична состојба и се на механичка вентилација.

„Навремено и транспарентно ја информираме јавноста за состојбата со западнонилската треска. Ова не е ново заболување, присутна е и во текот на претходни години, а годинава заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот, се наметна потреба од засилен институционален одговор. Ја следиме состојбата во координација со Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Комисијата за заразни болести и Клиниката за инфективни болести, со цел навремено да ги идентификуваме и третираме случаите, како и да спречиме појава на нови случаи“, рече денеска заменик-министерот за здравство, Андовски.

Тој порача дека нема место за паника, туку има потреба од внимателност и одговорност, односно граѓаните да преземаат мерки за лична заштита, носење соодветна облека, како и избегнување на места каде е најголема изложеноста на комарци.

Еден починат пациент

Д-р Марија Гочевска од Институтот за јавно здравје информираше дека заклучно со 11 август, се регистрирани вкупно 26 случаи, од кои 2 се веројатни. Од нив, 25 лица се од Скопје, а еден е од Велес. Таа посочи дека 22 лица се на возраст над 60 години. Останатите четворица се од 50 до 59 години.

„Станува збор за автохтони случаи од нашата држава, а едно лице патувало во Грција. Сите случаи се со невроинвазивна форма“, рече д-р Гочевска.

Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, информираше дека пациентите се третираат на клиниката која располага со капацитети и соодветна дијагностика.

„Четворица пациенти се водат како суспектни и во тек е дијагностичка постапка. Осум пациенти се испишани на домашно лекување, но за жал, морам да информирам дека 83-годишен пациент е починат. Пациентот имаше и други заболувања“, истакна д-р Цана.

„Ставете заштитни мрежи и користете средства против комарци“

Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај поголемиот дел од заразените инфекцијата може да помине без симптоми или со полесна клиничка слика, но кај повозрасните лица и лицата со ослабен имунитет постои поголем ризик од тешки невролошки компликации.

Здравствените власти препорачуваат поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, користење средства против комарци и избегнување престој на отворено во периодот околу зајдисонце и во раните утрински часови. Препорачливо е и носење облека со долги ракави и ногавици кога се престојува на места со зголемено присуство на комарци.

При појава на висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест, конфузија или слабост на екстремитетите, ИЈЗ посочува дека е потребна итна медицинска проценка поради можност за невролошки компликации.