Двајца од седумте хоспитализирани пациенти на Клиниката за инфективни болести со западнонилска треска се во критична состојба и се на механичка вентилација на одделот за интензивно лекување, изјави директорот на Клиниката, Фадил Цана. Тој информираше дека дополнително се чекаат резултати од Институтот за јавно здравје за уште тројца пациенти, кои се примени со дијагноза акутно заболување на мозокот и мозочната обвивка.
Тој посочи дека сите седум пациенти се од неколку населби од Скопје, а само еден од нив патувал во Грција. Тројцата за кои дополнително се прават анализи за да се утврди дали го имаат вирусот, се исто така од Скопје.
„Седум се потврдени и кај тројца постои големо сомнение дека може да се работи за истата инфекција. Шеесет и шестгодишниот пациентот е хоспитализиран на 26 јули и поради влошување на неговата здравствена состојба и според процена на лекарите од одделот за интензивна нега, е интубиран и поставен на механичка вентилација. Тој не патувал надвор од државата и има многу коморбидитети. Сите други пациенти се на возраст над 60 години и се со многу коморбидитети. Тие се стабилни се и се лекуваат според сите современи медицински протоколи. Таа возрасна група е изложена на најтешката инвазивна форма на вирусот“, посочи д-р Цана.
Тој додава дека влошување на состојбата може да се случи иако на почеток хоспитализираните биле во стабилна состојба, и дека никој не може да направи проценка како ќе дејствува вирусот врз организмот.
„Стручна процена на инфектолозите е дека треба да се хоспитализираат, да се следат и да се мониторираат. Со оглед на тоа што се работи за заразно вирусно заболување, за кое, според сите светски протоколи, се знае дека нема некој специфичен лек, туку има супортивна поддршка (се третираат симптомите), доколку нивната здравствена состојба се влошува, се постапува според сите светски современи протоколи на лекување на ваков вид заболување“, изјави Цана.
Од сите седум случаи, само едно лице патувало во Грција. Клиниката за инфективни болести е отворена за згрижување пациенти и како што соопштија, е во целосна координација со надлежните здравствени власти.
Западнонилската треска е вирусна инфекција предизвикана од вирусот Западен Нил (West Nile virus), кој најчесто се пренесува на луѓето преку убод од заразен комарец.
Вирусот природно циркулира меѓу птиците, а комарците се заразуваат кога ќе каснат инфицирана птица. Потоа, преку убод, можат да го пренесат вирусот на луѓето и на коњите. Болеста не се пренесува од човек на човек преку вообичаен контакт.



