Во Македонија има 16 случаи на маларија, денга, зика и на западнонилска треска

Објавено:

Во Северна Македонија годинава се регистрирани четири случаи на маларија, три случаи на денга, еден случај на зика и осум случаи на западнонилска треска, информираше министерот за здравство, Сашо Клековски, на прес-конференција на 28 јули.

Од осумте случаи на западнонилска треска, еден е поврзан со патување во Грција, додека за останатите случаи се претпоставува дека се локално стекнати инфекции. Случаите се регистрирани во Скопје и во Велес, при што повеќето пациенти се постари од 60 години, а двајца се на возраст од 50 до 59 години.

Станува збор за вирус што се пренесуваат заразени комарци и предизвикува компликации на централниот нервен систем кај луѓето.

Европската канцеларија на Светска здравствена организација (СЗО) соопшти дека вирусот Западен Нил се шири во Европа односно регистрирани се 25 подрачја погодени од вирусот во шест европски држави.

Според СЗО, до 22 јули беа регистрирани 46 заболени луѓе во Италија и 21 во Грција, како и по неколку случаи во Северна Македонија, Романија, Шпанија и во Франција.

Клековски кажа дека инфекциите со вирусите денга и зика се поврзани со патувања на Малдивите и Занзибар. Тој апелираше до граѓаните кои патуваат во Африка, регионот на Индискиот Океан, Малдивите или Занзибар навреме да побараат стручен совет пред патувањето.

Во текот на оваа сезона, првиот регистриран случај кај луѓе во Европа бил токму од Северна Македонија.

Со оглед на зголемениот број случаите на вирусот Западен Нил во некои делови од континентот, на почетокот на сезоната на пренос, СЗО за Европа повикува на зголемен надзор на комарците и активности за подигање на јавната свест за заштитните мерки.

Околу 70 до 80 проценти од луѓето заразени со вирусот Западен Нил нема да развијат никакви симптоми, но оние кои ќе развијат може да доживеат треска, главоболка, замор, болки во телото, гадење или повраќање, а понекогаш и осип или отечени лимфни јазли. Тешкиот облик на болест може да предизвика висока температура, вкочанет врат, дезориентација, тремор, конвулзии, мускулна слабост, парализа или кома.