Пред голем натпревар некои спортисти трчаат, се истегнуваат, слушаат музика или разговараат со тренерот. Други, пак, имаат свои строго утврдени ритуали како, на пример, шишиња што мора да стојат под точно определен агол, топче што мора да се одбие точно определен број пати од ѕид или дури пластична сламка која мора да биде во устата. Однадвор, ваквите постапки можат да изгледаат чудно, па дури и бесмислено. Но за спортистите кои ги повторуваат, тие се дел од подготовката за моментот во кој мораат да бидат максимално концентрирани.
Халанд пред натпревар бара мир, по натпревар спие со топките
Пред натпревар, норвешкиот фудбалер Ерлинг Халанд медитира. Тој самиот во интервју за спортски канал (BVB-TV) својата рутина ја опишал со еден збор „Медитација.“ Во истото интервју открил дека пред секој натпревар ја слуша песната „Продолжи да сонуваш“ (Keep Dreaming).
Неколку години подоцна, 26-годишниот Халанд објаснил зошто медитацијата му е важна.
„Навистина уживам во медитацијата. Ме прави да се чувствувам смирено и ми носи спокој“, вели тој.
Халанд почнал да медитира уште како млад играч во Молде, а ритуалот го задржал и по преселбите во Салцбург, Дортмунд и Манчестер Сити.
Но, медитацјата не е единствениот трик на Халанд. Тој во 2019 година, додека играше за Ред Бул Салцбург, откако наполни 19 години откри дека ги носи дома топките со кои постигнал хет-трик и дека спие со нив во кревет. Во интервју за норвешки весник (Dagbladet), рече дека топките добиваат посебно место во неговата соба.
„Тие лежат во креветот и јас спијам добро со нив. Ги гледам секој ден. Најдоброто нешто е да се постигнуваат голови“, изјавил Халанд.
Дејвид Бекам: „Сè мора да биде совршено“
Еден од најпознатите примери е и поранешниот фудбалер, Дејвид Бекам. Ексрепрезентативецот на Англија јавно зборувал за својата потреба работите да бидат наредени на точно определен начин. Во интервју за ИТВ (ITV) тој објаснил дека има опсесивно-компулсивно нарушување, поради кое, како што вели, мора сè да биде во права линија или во парови.
Како пример Бекам во интервјуто посочил конкретен пример со фрижидерот.
„Ако имам една лименка Пепси повеќе, ќе ја ставам во друг шкаф… сè мора да биде совршено“, изјавил тогаш Бекам.
Неговите изјави повторно беа објавени кога зборуваше за своето искуство во документарната серија „Бекам“ на Нетфликс. Во серијата опишува како, откако семејството ќе легне, останува буден и го средува домот.
„Кога сите се во кревет, јас потоа одам наоколу, ги чистам свеќите, ги наместувам светлата на вистинското ниво и проверувам сè да биде средено“, рече Бекам во документарецот.
Според него важно е ова да не се претставува како обична „чудна навика“ или како спортско суеверие. Бекам самиот го поврзува однесувањето со OCD, а медиумите кои ги пренесуваат неговите изјави нагласуваат дека станува збор за негово лично искуство со состојбата.
Џуд Белингам – сам излегува на теренот и го „игра“ натпреварот во глава
Уште еден фудбалер од осровот, кој сега игра за шпанскиот клуб Реал Мадрид, Џуд Белингам, пред натпреварите има навика да излезе сам на теренот пред останатите играчи и да го визуелизира натпреварот. Тој во 2024 година, пред реваншот со германскиот клуб Баерн во Лигата на шампионите, бил снимен како сам шета по теренот на „Сантијаго Бернабеу“. Подоцна објаснил дека тоа го прави уште од почетокот на кариерата. Во изјава за телевизијата Real Madrid TV, Белингам објаснил дека со тоа го визуелизира натпреварот.
„Сакам да го визуелизирам натпреварот. Го гледам теренот, тревата, моите позиции… На тој начин се чувствувам посмирено и знам каде ќе бидам.“
Според Белингам ова не е суеверие, туку начин на подготовка.
„Многу играчи имаат суеверија, јас немам,“ вели Белингам во март 20026 во документарецот на Real Madrid TV „En el corazón de la Decimoquinta
Дополнително за финалето во 2024 година, тој објаснил дека неговата рутина вклучувала гледање Сопранови (The Sopranos) и слушање музика пред мечот.
Карон Батлер: 12 пластични сламки по натпревар
Ако кај Бекам станува збор за потреба од ред, кај поранешниот НБА кошаркар Карон Батлер ритуалот бил многу поедноставен, но и многу почуден. Батлер за време на натпреварите џвакал пластични сламки, и тоа околу 12 по натпревар.
Во разговор објавен на официјалната страна на НБА (NBA.com), Батлер објаснил како започнала навиката:
„Ме смируваше.“
Познатиот спортски телевизиски канал ЕСПН (ESPN) подоцна објави дека Батлер користел околу 12 сламки по натпревар и дека ги џвакал додека не станат „малку жилави“, по што ги плукал. Навиката станала толку препознатлива што во 2010 година НБА му наредила да престане да ги џвака сламките за време на натпреварите, наведувајќи безбедносни причини.
Рафаел Надал: две шишиња, секогаш на истото место
Кај Рафаел Надал ритуалот е визуелно многу попрепознатлив. Двете шишиња вода покрај неговото столче никогаш не стоеле случајно. Тој во интервју за Дејли Телеграф (The Daily Telegraph) објаснил како и зошто ги поставува:
„Ги ставам двете шишиња пред моите стапала, пред столчето, од мојата лева страна, уредно едното зад другото, дијагонално насочени кон теренот.“
Надал објаснил дека станува збор за нешто повеќе од суеверие – начин да го насочи умот кон натпреварот и да воспостави ред околу себе.
Неговите шишиња станаа толку препознатливи што на австралискиот турнир (Australian Open) дури објави видео посветено на моментот кога топче или ветер ќе ја нарушат нивната положба, по што тие повторно се наместени. Но, Надал не сака ваквото однесување едноставно да се нарекува суеверие. Тој во интервјуто за телеграф (The Telegraph) објаснува дека ритуалот му помага да се „постави“ во мечот и да го уреди просторот околу себе во момент кога се обидува да го уреди и сопствениот ум.
А по пензионирањето во 2026 година, во интервју за Волстрит џурнал (The Wall Street Journal), Надал повторно зборуваше за своите ритуали. Тој објасни дека луѓето можеби го сметале за суеверен, но оти неговите ритуали биле ограничени на тенискиот терен.
„Луѓето што ме гледаа како играм веројатно мислеа дека сум суеверен“, вели Надал
Потоа додава дека денес, откако повеќе не игра професионален тенис, тие ритуали веќе не се дел од неговото секојдневие.
Серена Вилијамс: петпати, па двапати
Кај Серена Вилијамс ритуалот е врзан директно за моментот пред сервисот. Таа имала строго правило: пет одбивања на топчето пред првиот сервис и две пред вториот. Но тоа не било единственото. Вилијамс јавно зборувала и за начинот на кој ги врзува патиките, туширањето пред мечот и носењето на одредени сандали. Во колумна за Evening Standard, во која самата се осврнува на своите суеверија, опишува што мислела дека тргнало наопаку кога загубила важен меч.
„Не ги врзав правилно врвките и не го одбив топчето петпати, а не ги понесов ниту сандалите за туширање. Немав ниту дополнителен фустан. Едноставно знаев – судбината немаше да ми дозволи“, вели таа во текст објавен во Евининг Стандард (Evening Standard).
Зошто мозокот сака ритуали?
Спортисти имаат сосема различни навики. Бекам бара ред. Батлер се смирува со повторувачко движење. Надал го организира просторот околу себе. Серена го повторува истиот број движења пред сервисот. Но, сите имаат една заедничка работа: ритуалот создава нешто предвидливо во ситуација во која исходот не е предвидлив.
Спортските психолози прават важна разлика меѓу рутина, ритуал и суеверие. Рутината може да биде свесна техника за подготовка, нешто што му кажува на спортистот дека моментот за изведба пристигнал. Ритуалот е поригиден и обично се повторува на ист начин. А суеверието додава верување дека одредена постапка може да влијае врз исходот, иако нема рационална причинско-последична врска.
Истражувањата на спортските ритуали покажуваат дека ваквите предизведбени рутини можат да помогнат во насочувањето на вниманието и регулирањето на емоциите, особено во ситуации под голем притисок. Затоа можеби не е најважно дали шишето на Надал е свртено кон теренот, дали Серена го одбила топчето петпати или дали Батлер има сламка. Важно е што тие постапки му даваат на спортистот нешто што може да го контролира. Никој не може да го контролира противникот, но може да ги намести шишињата или може да го одбие топчето петпати. И можеби токму тоа е вистинската моќ на спортските ритуали – не мора да го контролираат резултатот, доволно е да му дадат на спортистот чувство дека може да се контролира себеси.


