ФОТО: Вандализирани столбови на патеката Попова Шапка – Титов Врв

Објавено:

Повеќе од 45 од вкупно 112 столбови на планинарската патека Попова Шапка – Титов Врв се уништени, оштетени или отстранети.

Станува збор за столбови поставени со цел обележување на патеки за зимскиот период, а во рамки на проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С. Македонија“.

Патеката е долга околу 11 километри. Финансиската штета од вандализмот е проценета на околу 8.000 евра.

Но, таа не е само финансиска, туку последиците може да бидат и многу посериозни.

„Во услови на снег, магла, силен ветер и намалена видливост, летната маркација честопати е покриена или воопшто не е видлива. Тогаш зимските столбови претставуваат клучни точки за ориентација и следење на безбедната рута. Кога маркацијата исчезнува, не исчезнува само еден столб. Исчезнува точката што може да му покаже на човекот каде да продолжи кога планината околу него повеќе не е препознатлива“, велат од Здружението за одржлив развој САТ – Скопје, која заедно со компанијата Одржливи авантуристички патувања го имплементираше проектот во соработка со Планинарската федерација на Северна Македонија (ФПСМ).

vandalizam-planinarska-pateka-sar-planina-titov-vrv3
Вандализам на планинарската патека Попова Шапка – Титов Врв

Овој проект беше финансиски поддржан и од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, како и од Скопска пивара. Вандализмот доаѓа нецел месец откако заврши маркацијата што траеше од ноември 2025 до крајот на јули 2026 г.

Столбовите, поставени за зимска маркација, од кои сега дел се уништени, наменски се означени со црвена и жолта бидејќи овие бои обезбедуваат најсилен визуелен контраст на зимски терен. Оваа практика се применува во многу европски планински региони, а е застапена и во националните правила за вакви патеки.

„Уништувањето на планинарската маркација воедно претставува уништување на туристичка инфраструктура неопходна за развојот на планинскиот и активниот туризам. Тоа директно се спротивставува на целта на Националниот парк Попова Шапка и локалните општини, прекрасната Попова Шапка да ја направат атрактивно, одржливо и безбедно место за посетителите, кое ќе придонесува за локалниот економски развој и ќе биде од корист за селата во околината. Уништувањето дополнително ги доведува во прашање меѓународниот ангажман и поддршка“, посочуваат од Здружението за одржлив развој САТ – Скопје.

Се очекува полицијата да го расчисти случајот

Вандализмот на патеката е пријавен и во полиција, која заедно со претставници на националниот парк Шар Планина извршиле увид на 19 август.

Имплементаторите на проектот очекуваат дека надлежните ќе ги утврдат сите околности и одговорните ќе сносат последици.

vandalizam-planinarska-pateka-sar-planina-titov-vrv3
Вандализам на планинарската патека Попова Шапка – Титов Врв

„Ова е штета за целата планинарска заедница, за Националниот парк Шар Планина, за планинарите, туристите, водичите, спасувачите и за сите што ја користат планината. Затоа, апелираме до сите посетители да ја почитуваат и заштитуваат планинарската инфраструктура и секое оштетување или отстранување на маркацијата да го пријават кај надлежните институции“, велат од Здружението за одржлив развој САТ – Скопје.

Оттаму додаваат оти не станува збор само за столб или знак туку и за нешто кое може да направи разлика помеѓу безбедно враќање и губење во планина во услови на снег, магла и невреме.