Притвор за 19-годишник од тепачката во Чаир во која дете е прободено во срце и се бори за живот

Објавено:

Притвор од 30 дена определи Основниот кривичен суд Скопје за 19-годишниот Б.И. од Скопје, осомничен за насилство врз дете во скопската населба Чаир, при што тој и неговиот малолетен брат на 13-годишна возраст им нанесоа убодни рани на три лица, од кои двајца малолетни. Притвор е определен само за 19-годишникот бидејќи неговиот брат е под возрасната граница за кривична одговорност.

Тепачката настанала околу 22 часот на 31 август, меѓу момчиња на возраст од 13 до 19 години, при што вкупно три момчиња се повредени. Во инцидентот користеле ножеви, пендреци и безбол палки велат од полицијата.

Повреденото 13-годишното момче се бори за живот на скопските клиники.

Притвор синоќа побара Јавното обвинителство. Судот го прифатил предлогот бидејќи утврдил опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоци и на тој начин да ја попречи истрагата, како и опасност од повторување на кривичното дело.

„Момче на возраст од 13 години има убод со нож во пределот на срцето и е во многу тешка критична состојба. Нашите мисли се со него, но веќе медицината нема многу што може да направи“, информираше вчера министерот за здравство Сашо Клековски.

Од петте момчиња кои учествувале во тепачката четворица биле малолетни, а едно полнолетно.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека приведен е 13 -годишник кој со нож им ги нанел повредите на трите момчиња. Тешки телесни повреди има и 19 годишнното момче.

„Согласно првичните информации добиени од службите во Министерството, и оној којшто го врши кривичното дело исто така е малолетник. Детето со тешки телесни повреди и детето кое ги нанесува, се иста генерација, родени 2012 година“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Во меѓувреме, Министерката за образование Весна Јаневска на 1 септември, првиот училиштен ден им посака на учениците  мирна училишна средина, во која нема да има карања и тепачки.

“Навредите, погрдните зброви и насилството не значат дека сте јаки, напротив, тие се знак на слабост“, изјави таа.

Пораката следува по минатата бурна училишна година, во која беа забележани околу десетина посериозни инциденти на врсничко насилство.

infografika - prijavi za vrsnicko nasilstvi
Инфографика – Пријави за врсничко насилство (Извор: МВР – Графика: Емил Златков)

Пред неколку месеци, во училиште во скопската населба Ченто, поранешен ученик во училиштето со нож прободе деветооделенец кој поради повредите беше згрижен на интензивна нега во Клинички центар.

Податоците од МВР се драматични – од 2021 до 2025 за четири пати се зголемил бројот на регистрирани случаи на насилно однесување меѓу ученици, најмногу во основните училишта.

Или – од 27 случаи во 2021, бројот пораснал на 119 случаи во 2025 година.

Засилен надзор од родител или ЦСР, укор или упатување во поправен дом се мерките што им стојат на располагање на судовите според Законот за правда на децата.

Од 37 постапки со правосилно решение во 2025, најчеста санкција била засилен надзор од Центар за социјални работи.

Според Кривичен суд, најстрогата мерка – упатување во поправен дом – не е изречена ниту еднаш во 2025 и од почетокот на 2026 година. 

Последни објави