„Скопје 2028“ – 172 милиони евра тежок проект со големи амбиции, без резултати

Објавено:

Вкупно 172 милиони евра било предвидено да се потрошат за целосно спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, покажува првиот извештај за мониторинг на Европската комисија во 2024 година. Според него, од тие пари, 129 милиони евра требало да бидат за оперативен буџет, а 43 милиони евра за капитални инвестиции. Голем дел од тие пари, односно 100 милиони евра требало да се обезбедат од државната каса, 20 милиони евра од градската каса и 5 милиони од другите општини.

Колку пари сега се предвидени за Европската престолнина на културата да засвети во полн сјај и каква е програмата по која ќе треба тие да се потрошат е енигма, затоа што финалните документи од договореното со Европската Комисија не се јавно достапни како сите други претходно. До објавувањето на овој текст од Градот Скопје не добивме одговори на прашањата околу вкупниот буџет и предвидената програма. Од јавно достапните документи може само да се види што се е досега ветено во неколкуте изменети програми за Скопје 2028 година.

Во напуштениот хотел Јадран, познат во јавноста како Арапска куќа требаше да се оживеат бајките од „Илјада и една ноќ“, како дел од проектот за „Скопје 2028-Европска престолнина на културата“. Во првата книга или таканаречниот бидбук (Bidbook), програма во која детално се опишува проектот кој беше одобрен од европските институции во 2022-та, е замислено секоја од собите на хотелот да се претвори во простор за изложби, перформанси, концерти, уметнички инсталации, драмски и книжевни читања итн. Сето тоа да биде инспирирано од темите на хотелот, во наратив на „Илјада и една ноќ“ – арапска кујна, арапски култури, локален ориент, ретро ориент и Европа.

„Тоа е замислено како калеидоскоп на бегство од реалноста, тајни средби, шпиони, дисиденти, револуционери, бегалци, ноќни дами, маскирани дервиши и муфтии, сводници, љубовници, војници, полицајци, криминалци, балкански тајкуни, европска дипломатија што пие црн чај и дестилиран јасмин итн. Се работи за автентичен проект кој одразува силна креативна енергија и ги релативизира сите социјални и политички пречки и насочувања“, е наведено во предлог програмата (Bidbook), со која е обезбедeна титулата Европска престолнина на културата.

Но, ова е тешко веројатно да се случи во наредниве две години од најмалку две причини.

Првата е во тоа што државата годинава во јуни одбила да го откупи културното наследство од приватниот сопственик „Македонија турист“. Според истражувањето на Бирн/Призма, „Македонија турист“ и го понудила на државата овој објектот од времето на еклектизмот од почетокот на 20 век, за 1,9 милиони евра. Но, Управата за заштита на културното наследство, во име на државата, ја одбила понудата.

Втората и поважна причина поради која што бајката од „Илјада и една ноќ“ нема да се оживее во Скопје лежи во тоа што во изменетата програма која е пишувана од претходниот тим основан од ексградоначалничка Данела Арсовска, овој проект „аминуван“ од европските власти е изоставен.

Основната идеја ставена во таканаречената книга бидбук(bidbook) одобрена од Европската Комисија, за која, како што вели премиерот Христијан Мицкоски мора да се реализира, претрпе најмалку три измени на суштината, како што се менуваше и тимот кој ја составуваше.

Со секоја смена на власта се менувал и тимот, а со тоа се губи и замислениот континуитет на овој проект, се забележува и во последниот извештај за мониторинг на проектот од Европската Комисија.

Авторка на проектот за Арапската куќа е Иванка Апостолова која беше и поранешна раководителка на тимот што ја пишуваше првата програма. Според неа, најголемиот проблем не е во честото менување на тимот, колку што е во непреземањето и спроведувањето на обврските кои се ветени пред Европската Комисија. Таа вели дека „некои пет проценти се задржани од првичните проекти“, но и тоа не е проблем толку, колку што е тоа што ништо од напишаното и ветеното не се реализираше.

„Што и да речам залудно е, три пати е менуван бидбук-от. Не сум задоволна, не затоа што отпаднале некои мои проекти или на колегите од тогашниот тим, туку затоа што кај нас работите ги прават опортунистички, себично и егоистично како тоа да го прави само за себе. Некои суми се ставија на проекти тривијални. Некои работи се и добри, ама тие треба да бидат надополнување на првичниот бидбук, и да ги збогатите со културни проекти, да не правите пиши-бриши и на ново пак пиши со проектите. Тоа е многу несериозно“, вели таа за Колегиум.мк.

Критиките не завршуваат само на програмските измени. Подеднакво нејасна е и финансиската страна на проектот, бидејќи од јавно достапните документи не може да се добие целосна слика за вкупниот буџет, распределбата на средствата и реализацијата на најавените инвестиции. Во јавноста не се достапни последната програма (бидбок) ниту пак деталите за финасирањето на проектот.

До објавувањето на овој текст од Градот Скопје не добивме одговори на прашањата на Колегиум.мк околу вкупниот буџет и предвидената програма. Од јавно достапните документи може само да се види што се било досега ветувано во неколкуте изменети програми за Скопје 2028 година.

Основните столбови на Скопје 2028

Еден од четирите уметнички столбови врз кои се гради проектот Скопје 2028 е културната инфраструктура. Реновирање на Универзална сала е единствениот објект кој го има во сите измени на програмата. Но, и со неговата реализација се доцни.

Првите посериозни идеи и конкурси за идеален проект за реконструкција датираат од 2004–2005 година, а потоа и во 2008–2009 година кога беа нудени проекти во форма на „јајце“.

Сепак, официјалните најави и одлуки за сеопфатна реконструкција започнаа интензивно да се нижат по 2015 година, кога Универзалната сала беше целосно затворена за употреба од безбедносни причини.

„Бидејќи ова е главната градска сала за културни настани со поголема публика (1.500 седишта), нејзиното реновирање е од стратешко значење“, е наведено во првата програма од 2022 година.

Реконструкцијата на Универзална сала, според најавата на доскорешниот министер за култура Зоран Љутков треба да заврши до крајот на 2027 година. Според најавата, треба да се реализира по принципот клуч на рака и да чини околу 20 милиони евра, пари обезбедени од Владата преку Министерството за култура.

Оперативен буџет од 129 милиони евра се ветени за проектот Скопје 2028

Во првата програма за „Скопје – Европка престолнина на културата 2028“ направена во 2022 година, чија цел била градот да учествува на пре-селекцијата на конкурсот, не е наведен конкретен буџет за целогодишните културни настани и реконструкцијата на културните објекти. Во втората програма од 2023 година, оперативниот буџет за „Скопје 2028“ е предвидено да изнесува речиси 129 милиони евра.

„Предложениот буџет од 128.548.540 евра наменет за организирање на ‘Скопје 2028’ може да изгледа значителен, но е и прагматичен и изводлив, точно отсликувајќи ги аспирациите на проектот“, е наведено во Бидбукот од 2023 со потпис на Арсовска.

Но, една година подоцна во извештајот на Европската Kомисија за мониторинг на спроведеното за Европската престолнина на културата е наведено дека се бара конкретна гаранција за предвидените 129 милиони евра за оперативниот буџет, во конечната листа на понуди за избор.

„Како што дополнително потврди поранешниот министер за култура за време на конечното сослушување за избор во Брисел во септември 2023 година, да не се меша со буџетот за капитални расходи од 43 милиони евра. Панелот, исто така, сакаше да знае дали се потпишани финансиски договори со Министерството за култура и кој, всушност, ќе управува со буџетот на Европската Kомисија“, се вели во извештајот.

На финалното сослушување во Брисел во септември 2023 ова ветување го дала тогашната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Интересен податок што произлегува од споредбата на втората програма – Бидбук 2023 е дека во неа се наведени капитални инвестиции со конкретни ставки со сума од 44,5 милиони евра, а не 43 милиони колку што ги наведува експертскиот панел на Европската Kомисија во мониторинг-извештајот.

Концептуални разлики во ветувањата во првите две програми

Во првата програма се забележува обид да се ревитализираат веќе постојечките објекти меѓу кои и дел напуштени, да им се даде ново руво и можност за поинаков „живот“. На прв поглед овие измени во градските содржини не бараат голем буџет и може да останат како трајно наследство од проектот кои ќе може да се користат и по завршувањето на годината на културата.

Тука се, реадаптација и ревитализација на подземниот град, коридорите и атомските засолништа под Скопското Кале и Паркот Гази Баба, збогатени и оживеани со богата домашна и меѓународна културна, уметничка, социјална и културна програма.

Кога е во прашање ревитализација на Скопско Поле, периферната локација која досега служеше како депонија за стари вагони, локомотиви и возови, се предвидува да се претвори во полигон за уметност и култура. Замислата била оваа локација да се трансформира во постојан отворен простор за изведба на различни културно-уметнички и социо-културни проекти од домашни и меѓународни уметници, по што просторот ќе биде пренаменет, зачуван и делумно обновен, односно да стане функционален.

Меѓународната железничка платформа „Скопско Поле“ било замислено да се искористи за современи танци, перформанси, изложби, видео и филмски проекции, како музеј на отворено и платформа со содржини за културен, социјален и уметнички „ресет“. Тоа е пример за исклучително индустриско наследство на Скопје, се вели во првата програма.

Скопје 2028“ предвидува и реновирање на галиите од Скопје 2014

Меѓу другото беше предвидена и трансформација и ревитализација на двете галии на реката Вардар, кои се дел од проектот „Скопје 2014“, во уметничка галерија и резиденцијален простор за современа култура и уметност.

„Двете галији на Вардар, изградени со јавни пари, наместо да бидат срушени, ќе бидат конвертирани и ревитализирани во објекти корисни за професиите во културата и уметноста. Рушењето е поскапо од градењето“, се вели во првиот проект.

За разлика од првата програма каде не е направен буџетски план, во втората програма беше предвидено дека финансирањето на културната инфраструктура ќе чини најмалку 44,5 милиони евра. Но, во втората програма ист останува само проектот за реконструкција на Универзалната сала. Поголем дел од проектите со кои е освоена номинацијата за Европски град на престолнината се избришани во втората програма.

Втората програма е поднесена во време на мандатот на Данела Арсовска, и во неа културната инфраструктура е замислена сосема поинаку. Нешто налик на ветувањата што Арсовска ги даде во предизборната програма и кои во текот на својот четири годишен мандат не ги реализираше во целост.

Од мега паркови, културни центари, театар во скопски Аеродром, базен во Шуто Оризари, до ботаничка градина, детски парк, отворена арена, изградба на нова библиотека… Но, ништо од ова не е завршено. Сè уште се пишува за „визии“ и „идни планови“, додека Универзална сала е затворена, библиотеката „Браќа Миладиновци“ чека реконструкција, а Младинскиот културен центар се бори со минимален буџет и многу долгови.

„Ова беше шанса, еден град како Скопје да си ја среди инфраструктурата, да си направи еден сериозен ресет на стандарди, на критериуми за создавање вредности и култура и да се катапултура европски и преку тоа и светски. Да стане релевантен центар. И ова сега се практично прокоцкани шанси. Туризмот сам по себе ќе си дојде, кога градот ви нуди мултикултурна атрактивна програма, затоа што е Европска престолнина на култура. За мене сето ова е несериозно и стерилно, досадно“, вели уметницата Апостолова која учествуваше во изготвувањето на првата програма за „Скопје 2028“.

Во првата книга посветена на „Скопје 2028“ како дел од слабостите е наведено дека токму културната инфраструктура е прилично стара и потребна е реконструкција и реновирање, а просторните капацитети за програми „artist-in-residence“ се ограничени.

Дополнително како слабост е нотирано дека има премалку менаџерски и технички кадар со професионално искуство и експертиза во областа на културата. Во неа е наведено дека целиот проект Скопје 2028 е осмислен така што неговата реализација треба да помогне во надминување на наведените слабости и тоа од подобрување на меѓународната репутација преку зајакнување на инфраструктурните, човечките и продукциските капацитети, до јакнење на меѓународната културна соработка и враќање на вербата на граѓаните во подобра и заедничка иднина.

Одлуката во 2028 еден од градовите што ќе ја носат оваа титула да биде и Скопје, во чија конкуренција беше и Будва, беше донесена во септември 2023.Во исто време додека се одлучуваше за градот на културата, градоначалникот на Будва Мило Божовиќ беше уапсен во средината на април по наредба на Специјалното државно обвинителство, под сомнение дека создал криминална организација и уште три други кривични дела поврзани со трговија со дрога. Тој е висок функционер на неодамна распуштениот проруски Демократски фронт (ДФ), кој ја освои апсолутната власт во Будва на изборите во октомври.

Иницијативата за Скопје Престолнина на културата, датира од времето на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, кој беше на чело на Градот Скопје од 2009 до 2017. Постапката е започната во 2014 година. Потоа кандидатурата беше поднесена во мандатот на Петре Шилегов (2017-2021), а номинацијата во Брисел ја бранеше тимот на ексградоначалничката Данела Арсовска.

Во правата програма напишана во 2022 година е изразена благодарност до сите чинители на градската администрација кои учествувале од идеја, до апликација и освоена титула. Во втората програма овие информации се избришани.