Англискиот фудбалски клуб Манчестер Сити може да изгуби бодови, па дури и да биде исфрлен од Премиер Лигата по донесената одлука на независна комисија во Премиер Лигата со која клубот е прогласен за виновен во врска со 114 обвиненија за кршење на финансиските прописи. Независна регулаторна комисија заклучи дека клубот извршил систематски прекршувања на финансиските прописи на лигата во текот на девет сезони, од 2009-10 до 2017-18 година.
Станува збор за 42 дневно сослушување во кое се разгледувани над 100 обвиненија за вештачки раст на финансискиот биланс за 830 милиони фунти односно 1,2 милијарда долари, што се смета за сериозен престап. Според обвиненијата клубот склучил измамнички деловни договори со спонзори за да скрие повеќе од 830 милиони фунти тајно финансирање од сопственикот.
По објавувањето на извештајот со опсежните наоди на комисијата, клубот беше прогласен за виновен по речиси сите точки од обвинението во четири главни категории, а беше ослободен од одговорност само по една точка поврзана со соработката за време на истрагата.
„Овој дисциплински случај и оваа одлука се најзначен во историјата на Премиер лигата,“ изјави Ричард Мастерс, извршен директор на Премиер Лигата.
Во извештајот на комисијата детално се опишува како клубот организирал „фиктивни договори“ со неколку комерцијални партнери за вештачки да ги подобри финансиските извештаи и да ги прикаже трошоците како помали од реалните. Особено важно е што оваа шема го заштитила Сити од објавување на загуба која би била најголема финансиска загуба во една сезона во историјата на Премиер лигата (за сезоната 2009-10), пишува англискиот спортски медиуми „Пулс спорт“.
„Клубот не е виновен по обвиненијата изнесени од Премиерлигата и постои сеопфатен корпус на непобитни докази во прилог на сите негови ставови,“ се вели во официјалното соопштение на клубот Манчестер Сити, кој ќе се жали на одлуката.
Долготрајната истрага веројатно ќе има сеизмички последици за натпреварувањето и за еден од неговите најголеми клубови, кој стана последователен шампион по преземањето од страна на компанија поддржана од шеикот Мансур бин Зајед ал Нахјан, братот на претседателот на (ОАЕ) Обединетите Арапски Емирати.
„Ова е исклучително сериозна работа. Соопштението на Премиер лигата нуди сурова и предупредувачка слика. Манчестер Сити го има правото на жалба и процесот мора да се заклучи брзо и праведно. Ова не само што предизвикува загриженост кај навивачите на Манчестер Сити, туку ги загрижува сите љубители на премиерлигашкиот фудбал. Премиер лигата е еден од нашите најголеми национални драгоцености и мораме да го заштитиме интегритетот на играта, напиша на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук Лиза Нанди, британски секретар за култура, медиуми и спорт.
Истрагата покажала дека во текот на трите сезони во кои клубот ја освоил титулата – 2011-12, 2013-14 и 2017-18, фудбалскиот клуб Манчестер Сити пријавил приходи од комерцијални спонзорства во висина од 360 милиони фунти.
Всушност, само 43 милиони фунти потекнувале од вистински комерцијални извори, додека остатокот тајно бил обезбеден од матичната компанија на клубот, „Абу Даби Јунајтед Груп“ (ADUG), која го купила клубот во 2008 година.
Премиер Лигата соопшти дека санкциите ќе бидат утврдени одделно за време на последователно рочиште пред независната комисија. Манчестер Сити има право да поднесе жалба против наодите на комисијата до 2 октомври.


