Извинување до граѓаните за снимањето на музичкиот видео спот во споменикот „Македониум“ во Крушево, испрати денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Тој во одговор на новинарско прашање одговори дека ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот.
„Навистина она што се случило таму е нешто што не требало да се случи. Ќе побарам од министерот за култура да биде разрешен директорот на оваа институција, заедно со Управниот одбор, зашто таков тип институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени“, рече Мицкоски.
Ваквата изјава следува по бројните реакции во јавноста за изнајмувањето на заштитеното културно наследство „Македониум“ за снимање на делови од музички спот „Секси Мама“ на косовскиот рапер Дон Џони за сума од 500 евра.
Јавноста бурно реагираше на информацијата што ја објави САКАМДАКАЖАМ.МК, бидејќи во споменикот „Македониум“ е и гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската република формирана по Илинденското востание, еден од најзначајните моменти во македонската историја. Едни коментираат дека споменикот не треба да се изнајмува за вакви спотови, а други не гледаат ништо спорно затоа што изнајмувањето е дозволено за одреден финансиски надомест.
Претходно на прес конференција, министерот за култура Седат Сулејмани, кажа дека утрово дознал дека споменикот „Македониум“ во Крушево, бил изнајмен за снимање на спот на косовкиот рапер Дон Џони. Сулејмани истакна дека треба да се види „како понатаму“ со објектите од национално значење за кои законски е дозволено да се изнајмуваат.
„Да, имаме еден случај пред себе што навистина е чувствителен, но за тоа ќе треба да видиме со правните служжби ако треба некоја законска измена да се прави, бидејќи законски имаат право да изнајмуваат. Сепак, директорите треба да внимаваат и да знаат кога изнајмуваат објекти за какви програми ќе се изнајмуваат и со какви содржини“, рече Сулејмани на прес-конференција во Владата.
Директорот на Историскиот музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески, во изјава за медиуми вели дека просторот е отстапен врз основа на претходна одлука на Управниот одбор и дека не е првпат тоа да се прави за соодветен надомест. Спотот бил снимен во февруари.
Во ноември 2025 година споменикот „Македониум“ беше прогласен за културно добро во опасност, затоа што повеќе од четири децении беше изложен на сериозни оштетувања предизвикани од протекување вода и појава на влага, со што беше загрозена внатрешноста на споменикот и автентичните архитектонско-уметнички елементи во него, авторски дела на уметниците Петар Мазев и Борко Лазески.


