Министерот за култура, Седат Сулејмани, утрово дознал дека споменикот „Македониум“ во Крушево, кој е заштитено културно наследство, бил изнајмен за снимање на делови од музички спот „Секси Мама“ на косовскиот рапер Дон Џони за сума од 500 евра. Кажа дека се уште нема детални информации за случајот, но дека треба да се види „како понатаму“ со објектите од национално значење за кои законски е дозволено да се изнајмуваат.
„Свесен сум за случајот што излезе вчера во медиуми. Веројатно спотот е снимен порано. Јас како министер за култура и туризам и ние како Министерство сме надлежни да ги браниме сите артисти и сите културни работници. Да, имаме еден случај пред себе што навистина е чувствителен, но за тоа ќе треба да видиме со правните служжби ако треба некоја законска измена да се прави, бидејќи законски имаат право да изнајмуваат. Сепак, директорите треба да внимаваат и да знаат кога изнајмуваат објекти за какви програми ќе се изнајмуваат и со какви содржини“, рече Сулејмани на прес-конференција во Владата.
Тој кажа дека проблемот не е само со овој споменик во Крушево, туку дека во многу градови има објекти што навистина треба да бидат предмет на децентрализација (со нив да раководат општините наместо државата), но дека тоа „некако бавно оди“.
Јавноста бурно реагираше на информацијата што ја објави САКАМДАКАЖАМ.МК, бидејќи во споменикот „Македониум“ е и гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската република формирана по Илинденското востание, еден од најзначајните моменти во македонската историја. Едни коментираат дека споменикот не треба да се изнајмува за вакви спотови, а други не гледаат ништо спорно затоа што изнајмувањето е дозволено за одреден финансиски надомест.
Директорот на Историскиот музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески, во изјава за медиуми вели дека просторот е отстапен врз основа на претходна одлука на Управниот одбор и дека не е првпат тоа да се прави за соодветен надомест. Спотот бил снимен во февруари.
Во ноември 2025 година споменикот „Македониум“ беше прогласен за културно добро во опасност, затоа што повеќе од четири децении беше изложен на сериозни оштетувања предизвикани од протекување вода и појава на влага, со што беше загрозена внатрешноста на споменикот и автентичните архитектонско-уметнички елементи во него, авторски дела на уметниците Петар Мазев и Борко Лазески.
На денешната прес-конференција, Сулејмани објави дека почнува аплицирањето за годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2027 година и првично не сакаше да одговори на прашања од новинарите што се надвор од оваа тема.


