Директорот на НУ Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата наведувајќи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста.
Оставката на Оџаклиески следува по реакциите во јавоста во врска со снимањето на спотот „Секси мама“ од страна на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево, кој е заштитено културно наследство на државата.
Оџаклиески во оставката наведува дека во конкретниот случај не е прекршен ниеден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука донесена од Управниот одбор на установата. Според него, станува збор за постапка што била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата.
Сепак, како што посочува, раководењето со јавна институција подразбира одговорност што не се исцрпува единствено во почитувањето на законските норми, туку подразбира и високи морални и етички стандарди, особено кога станува збор за довербата на јавноста.
„Иако немало намера за прекршување закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во процената на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката“, напиша Оџаклиески.
Тој упатува и извинување до јавноста за настанатата недоумица и за ненамерниот пропуст нагласувајќи дека извинувањето е израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служел.
За случајот се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека уште денеска ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот.
Министерот за култура, пак, Седат Сулејмани, утрово дознал дека споменикот „Македониум“ во Крушево, кој е заштитено културно наследство, бил изнајмен за снимање на делови од музичкиот спот. Кажа дека треба да се види „како понатаму“ со објектите од национално значење за кои законски е дозволено да се изнајмуваат.
„Свесен сум за случајот што излезе вчера во медиуми. Веројатно спотот е снимен порано. Јас како министер за култура и туризам и ние како Министерство сме надлежни да ги браниме сите артисти и сите културни работници. Да, имаме еден случај пред себе што навистина е чувствителен, но за тоа ќе треба да видиме со правните служжби ако треба некоја законска измена да се прави, бидејќи законски имаат право да изнајмуваат. Сепак, директорите треба да внимаваат и да знаат кога изнајмуваат објекти за какви програми ќе се изнајмуваат и со какви содржини“, рече Сулејмани на прес-конференција во Владата.
Во ноември 2025 година споменикот „Македониум“ беше прогласен за културно добро во опасност, затоа што повеќе од четири децении беше изложен на сериозни оштетувања предизвикани од протекување вода и појава на влага, со што беше загрозена внатрешноста на споменикот и автентичните архитектонско-уметнички елементи во него, авторски дела на уметниците Петар Мазев и Борко Лазески.


