Автобус со туристи застана покрај патот во Волкодери. Не пред музеј, не пред хотел, ниту пред некоја од познатите стари туристички атракции на Преспа. Застана пред куќа. Од автобусот излезе група туристи од Израел. Возбудени и воодушевени од глетката, куќа прекриена со кралицата на цвеќето, сурфинијата. Тоа е цвеќе кое личи како водопад од бои што се прелeва преку ѕидовите и оградите. Нејзините стотици цветови, отворени кон сонцето, го претвораат дворот во живописен шарен мозаик што веднаш го привлекува окото на секој минувач.
Токму тоа го мами и туристичкото око, па сите израелски туристи кои излегоа од автобусот ги земаа телефоните во раце и веднаш започнаа со фотографирање, разгледуваа, се вртеа околу шарениот двор и повторно се враќаа пред куќата.

За Марина и Томче Дочоски ова веќе не е необична глетка.
„Најмногу сме задоволни што има туристи“, велат тие.
Туристите најчесто не доаѓаат за да купат цвеќе. Доаѓаат за фотографија. Особено организираните групи. Но, токму тие фотографии, велат сопствениците, се најголемата вредност, затоа што за Волкодери преку нив се слуша и гледа и во Израел, Европа, и други делови од светот.

„Многу ретко ќе купат, ама ќе направат доста слики. И тие слики, значи, мојата куќа ќе помине низ цел свет“, вели Марина.
И баш така, една семејна куќа во Преспа полека почнала да функционира како нешто повеќе од приватен дом.

Четири часа за еден двор
Она што од пат изгледа како спонтано нареден цветен хаос, всушност е работа која бара секојдневна рутина. Сурфинии, петунии, сардели, бегонии, хризантеми, виоли и уште десетици видови цвеќе го менуваат изгледот на дворот низ годината.
Марина вели дека секоја сезона се обидува куќата да изгледа различно. Се менуваат боите, се додаваат нови украси, а кога ќе помине едно цвеќе, неговото место го презема друго. Во пролет се садат летните цветови. Во есен доаѓаат хризантемите. Во зима, дворот повторно се реди со зимско цвеќе и зеленило.

Затоа куќата не престанува да биде интересна ниту кога ќе помине главната цветна сезона. Но, раскошот што го гледаат туристите има цена, која секојдневно се плаќа со во време и работа, но и многу љубов. Марина вели дека само за дворот се потребни по околу четири часа дневно.
Наводнувањето се прави рано наутро или навечер, кога температурите се пониски. Цветовите редовно се прихрануваат, а секое растение бара различно внимание.
„Магичната тајна е љубовта“, вели таа.

Иако звучи како едноставна реченица, зад неа стои секојдневна работа. Нема автоматски систем, како што е капка по капка на пример, кој ќе ја заврши целата работа наместо неа. Цветовите се наводнуваат рачно, а Марина знае кој дел од дворот бара повеќе, а кој помалку вода. Сурфинијата, која доминира во дворот, е особено пребирлива.

„Сурфинијата е кралица“, вели Марина. А кралицата, додава, има многу слуги.
Како вистинска владетелка на просторот, сурфинијата создава густа завеса од бои што ја покрива целата фасада. Секој поединечен цвет ја зафаќа дневната светлина, претворајќи ја обичната куќа во жива цветна сценографија.
Од хоби до бизнис
Приказната за ова семејство не започнала како туристички проект, туку сам како хоби. Куќата, како што вели Марина, ја изградиле нејзините родители пред околу четири децении. Таа со години го уредувала дворот за свое задоволство. Потоа почнале да застануваат минувачи, да фотографираат и да прашуваат дали цвеќето се продава. Од нејзината љубов кон цвеќето и хоби се родил мал семеен бизнис, кој е самоодржлив. Како што објаснуваат тоа значи дека има доволно за одржување на цвеќето и носи посади.

Семејниот бизнис и натаму е земјоделството и јаболковите насади, по кои е позната Преспа. Цветовите се само дополнителна приказна, нешто што започнало од љубов, а потоа станало и мал но сепак самоодржлив бизнис.
Марина и Томче продаваат цвеќе и им помагаат на купувачите како да го одгледуваат.
„На купувачите им даваме совети за прихрана и заштита, а им обезбедуваме и препарати за третирање на растенијата. Затоа што сакаме нашето цвеќе да си продолжи со растење и љубов во друг дом“, објаснуваат тие.

„Нашето мото е прво љубезност пред себе и со луѓето, а после финансискиот дел е занемарлив“, вели Томче.
Токму затоа низ дворот минуваат различни луѓе, од оние што сакаат само две-три саксии за дома, до сопственици на ресторани и луѓе од Охрид, Струга и Битола.
Куќа со Снежана, џуџиња и туристички автобуси
Цветовите се главниот лик, но не се единствениот. Пред куќата стојат фигурите на Снежана и седумте џуџиња. На друго место, велосипед е претворен во цветна декорација. Секоја година се додава по нешто ново. Причината е едноставна, посетителот треба да има причина повторно да застане. Марина вели дека сака секоја година дворот да изгледа различно. Тоа очигледно функционира.

Со текот на годините, куќата станала место за фотографии, свадбени фотосесии и снимање музички спотови. Во претходните објави за семејството се споменуваат и посетители од дипломатскиот кор.
Но, денот кога го посетивме овој дом најинтересната слика беше онаа со автобусот. Организирана група странски туристи се симнува пред приватна куќа во мало преспанско село. Тоа е можеби најдобрата илустрација за тоа колку далеку стигнала оваа приказна.

Фотографијата како сувенир
Марина и Томче не кријат дека гледаат простор за уште нешто. Кога секојдневно пред куќата застануваат автомобили и туристи фотографираат, природно се наметнува прашањето, дали може посетата да стане и туристички производ?
Една од идеите е сувенир поврзан со цвеќето, нешто мало што туристот може да го понесе дома. Не буквално сувенир од продавница, туку предмет кој ќе ја зачува формата или изгледот на цветот и ќе ја продолжи приказната за куќата и по заминувањето од Преспа. Засега, најголемиот сувенир се фотографиите. Тие се единственото нешто што туристите масовно го носат со себе. А Марина токму во тоа гледа вредност.

Ако една фотографија од Волкодери заврши на телефон во Израел, Германија или некаде далеку од Преспа, тогаш куќата добива свој пат до луѓе кои никогаш не слушнале за селото.

Куќата што не престанува да цвета
Кога ќе заврши летото, дворот нема да остане празен. Ќе дојдат хризантемите. Потоа виолите и зимското зеленило. Куќата ќе го смени изгледот, но нема целосно да ја изгуби бојата. И можеби токму во тоа е нејзината најголема туристичка вредност. Не е нешто што било изградено за туристи. Не е атракција измислена на хартија. Тоа е семеен двор кој со години растел заедно со луѓето што живеат во него, сè додека еден ден луѓето од другите страни на патот не почнале да застануваат.

Преспа има што да покаже
Во разговорот, Томче не ја крие ниту фрустрацијата што ја имаат многу луѓе кои живеат од мал бизнис и земјоделство во Преспа. Вели дека регионот има сè, езеро, јаболка, риба, печурки, природа. Она што, според него, недостасува е подобро искористување на тоа што веќе постои. Крај езерото има природна убавина, регионот има плодна почва и доста сончеви денови потребни за овоштарниците. Секое село крие своја приказна.
Во Преспа, каде туристичкиот потенцијал често се мери со она што допрва треба да се изгради, „Куќата на цвеќето“ покажува една поинаква можност, дека понекогаш туристичката атракција не мора да се гради. Понекогаш само треба некој да ја забележи.


