Мицкоски: Потребно е да имаме уште еден на масата со Бугарија, можеби претставник на ЕУ

Објавено:

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави(САД), ги отфрли идеите за повлекување од меѓународните договори и преговори со Бугарија и најави дека Владата ќе бара решение со посредство на Европската Унија(ЕУ).Тој првпат зборуваше и за „радикални елементи“ во сопствената политичка структура кои очекуваат поинаков пристап, според интервјуто што го пренесе државната новинска агенција МИА.

  • „Подготвени сме да аргументираме, подготвени сме, ако аргументите на соговорникот ги совладаат нашите аргументи, да ги прифатиме. Не се инаетиме, не сме тврдоглави. Но, она што претставува наша цел е нашата стратегија, нашата вистина да ја презентираме на најдобар начин на кој што можеме и преку една политичка дебата, една политичка борба на меѓународната сцена да вратиме дел од позициите кои што претходните влади ни ги загубија“, кажа Мицкоски во интервју за МИА.

Тој рече дека односите со Бугарија се тема на разговор со европски партнери, посебно со луѓето од Советот и Комисијата, со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, со високиот претставник за надворешна и одбранбена политика, Каја Калас и оценува дека „привлекуваме внимание и веќе сме во сериозна оптика на нашите партнери, посебно во Европа“.

„Имаме и регионални настани на кои ќе учествувам и јас во делот на мултилатералата, таа тема е неизбежна. Нормално дека таа тема ја разговараме. Јас не сум од оние луѓе кои што брзоплето ги прават работите во политиката. Свесен притоа за реалноста, свесен за погрешната политика во минатото, од претходните влади. Од друга страна, очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами и мораме да се бориме да ги повратиме загубените позиции кои во минатото, за жал, претходната влада ги минираше. Така што во рамките на таа борба ние секогаш презентираме аргументи кои што се јасно методолошки разбирливи на соговорниците“, вели Мицкоски.

Бараме решенија, нагласува Мицкоски, и посочува дека „никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај“.

„По мене, за да дојдеме до еден таков процес, најпрвин треба да изградиме доверба, а за тоа треба да разговараме. Треба таа желба да постои и од двете страни, ова е двонасочна улица, не може само од едната страна. Ќе го водиме процесот паралелно, подготвени сме да разговараме за усогласување на акцискиот план за малцинства, се разбира во присуство на меѓународната заедница, бидејќи ако водиме дијалог само со нашиот источен сосед, тогаш се потврдува она што ние велиме дека е билатерално прашање. Се плашам дека таков дијалог е дијалог на луѓе кои можеби нема да успеат да се слушнат на вистински начин. Затоа ценам дека е потребно да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија“, вели Мицкоски.

Најавите за некаков вид на асоцијативно членство во ЕУ, Мицкоски ги оценува како „брејнсторминг“, размена на идеи и не би навлегувал сега во таков тип на дискусија.

„За нешто да влезе, да профункционира, тоа подразбира промена на договорот што го има самата ЕУ. Светот дефинитивно се менува, и тоа се менува со една голема брзина. Се репозиционираат интересите и јас ценам дека во еден еден таков мултиполарен свет ние, повторно ќе кажам како релативно малубројна земја, не многу значајна, имајќи ја предвид големината како територија – но како локација значајна, посебно во овој дел на светот, треба да ја најдеме нашата шанса. И мислам дека ја пронаѓаме. Контурите се исцртуваат“, вели Мицкоски во интервјуто.

БГНЕС: Скопје помеѓу историската доктрина и новата геополитика

Политиката на владата на Христијан Мицкоски кон Бугарија тешко може да се објасни само со моменталната партиска конјунктура или потребата од мобилизирање на гласачи. Овие фактори може да ја зајакнат конфронтациската реторика, но не го објаснуваат нејзиниот постојан карактер. Ставот кон Бугарија има многу подлабоки корени и е поврзан со начинот на кој македонскиот национален идентитет беше институционализиран во југословенскиот период по 1944-1945 година, објави бугарската новинска агенција БГНЕС.


Проблемот со Бугарите во Уставот има правно ограничен предмет, но неговото политичко значење е многу поголемо. Тој ја доведува во прашање една од најчувствителните граници на современата македонска национална конструкција – односот помеѓу македонскиот и бугарскиот историски идентитет. Затоа реакцијата на Скопјани е непропорционално силна во споредба со самиот уставен текст. Кога Мицкоски го дефинира вклучувањето на Бугарите како „историска капитулација“, тој покажува дека за неговата влада прашањето не се перцепира како стандардна европска постапка за заштита на малцинствата, туку како прашање на историскиот легитимитет на Македонската држава и идентитет.

Според БГНЕС, „односите меѓу Скопје и Белград се продлабочуваат токму во време кога односите меѓу Скопје и Софија се најлоши, а европскиот процес е блокиран“.

„Проблемот со Бугарите во Уставот има правно ограничен предмет, но неговото политичко значење е многу поголемо. Тој ја доведува во прашање една од најчувствителните граници на современата македонска национална конструкција – односот помеѓу македонскиот и бугарскиот историски идентитет. Затоа реакцијата на скопјани е непропорционално силна во споредба со самиот уставен текст. Кога Мицкоски го дефинира вклучувањето на Бугарите како „историска капитулација“, тој покажува дека за неговата влада прашањето не се перцепира како стандардна европска постапка за заштита на малцинствата, туку како прашање на историскиот легитимитет на македонската држава и идентитет. Токму затоа спорот тешко може да се реши само со дипломатска формула“, пишува БГНЕС.

Односите меѓу Македонија и БУгарија често се движат меѓу соработка и тензии, особено околу историјата, идентитетот и европската интеграција.

Во контекст на Северна Македонија, Бугарија е важна со оглед дека македонските власти сакаат гаранции дека по евентуални уставни измени ќе нема нови услови за евроинтеграциите на земјата. Со уставните измени Северна Македонија треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Уставните измени се дел од обврските што Скопје ги презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Софија стави вето за почеток на преговорите. Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Последни објави