Кос: Ако Скопје го смени Уставот, очекувам поддршка од Софија за Македонија

Објавено:

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денеска изјави дека се подготвуваат патокази за државите кои се најнапредни во пристапните преговори со Европската унија (ЕУ), посочувајќи ги Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, но без да ја каже Македонија меѓу оние што ќе добијат патоказ во оваа фаза.

Таа во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), а во контекст на Македонија, рече дека напредокот на двете најнапредни земји од Западен Балкан може да ја поттикне и земјава да продолжи напред во процесот на пристапување кон ЕУ. Според неа, оваа ќе биде „есен на проширувањето“, посочувајќи дека Европската комисија ќе се фокусира на две главни насоки – забрзување на процесот на проширување и подготовка на земјите членки за прием на нови.

„Во својот говор претседателката на Европската комисија објави дека подготвуваме патокази за земјите што се најнапредни во преговорите. Знаете, Црна Гора е најблиску до пристапување во ЕУ, а за Албанија, Молдавија и Украина, Комисијата ќе претстави патокази во кои ќе ги испланираме сите можни технички чекори до крајот на нашиот мандат“, вели Кос.

Нема проширување без без поддршка од сите земји-членки

Таа додаде и дека проширувањето не може да се реализира без поддршка од сите земји-членки и нивните граѓани.

„Знаете, многу години немаше проширување на ЕУ. Последното беше во 2013 година, кога се приклучи Хрватска. Потоа, процесот на проширување беше приоритет. Сега имаме две земји од Западен Балкан кои се најнапредни на патот кон ЕУ. Ова може да ги мотивира и другите земји како што се Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, со кои се уште не сме започнале преговори, да одат напред, а не да одат назад како Србија“, вели еврокомесарката во интервјуто.

На новинарско прашање како ЕУ може да влијае врз Скопје да ги спроведе уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот со цел да се деблокира процесот на пристапување, Кос рече дека би била многу среќна доколку актуелниот момент на проширување се искористи и за напредок на Северна Македонија.

„Веруваме во новата бугарска Влада“

Според неа, Владата во Северна Македонија треба да го исполни преземаното ветување и да ги спроведе уставните измени, а потоа изрази очекување за поддршка од Бугарија за процесот со Северна Македонија да продолжи.

„Би била многу среќна ако го искористиме овој момент на проширување и за Северна Македонија. Верувам во новата бугарска влада, со која соработувам многу добро. Секако, владата во Северна Македонија мора да го одржи ветувањето. Тие мора да го променат својот Устав, ова е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји членки на ЕУ. Откако ќе се направи ова, ќе сметам на поддршката од вашата земја (Бугарија н.з.) за да можеме да продолжиме напред и со Северна Македонија“, кажа Кос.

Таа во интервјуто зборуваше и за улогата на Бугарија во новите европски проекти за поврзување со Јужен Кавказ, Централна Азија и Блискиот Исток, при што додаде дека следната година земјата ќе биде домаќин на самит за поврзување.

Последни објави