Досега нема случај на давање гаранции на земја кандидат дека нема да се појави друг спор за време на пристапниот процес до ратификацијата на договорот за пристапување од последната од 27-те земји членки на Европска унија(ЕУ), вели во интервју за МИА еврокомесарката Марта Кос, која утре пристигнува во Македонија на разговори за патот на земјава кон ЕУ и напорите за реформи.
- „Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога и последната земја членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност“, вели Кос во интервјуто.
Таа смета дека земјава покажала силни перформанси во рамките на реформската агенда и затоа доаѓа во Скопјe за да ја охрабри Владата да го стори истото тоа и во пристапните преговори затоа што сега има можност која се случува еднаш во генерацијата, да се оствари проширувањето.
„Ова доаѓа со јасни избори. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски, заостануваат. Во моменти на забрзување застојот значи фактичко назадување“, вели еврокомесарката Кос на прашањето дали има предвид нова иницијатива за деблокада на македонската евроинтеграција.
Според неа, напредокот во преговорите за пристапување бара клучен елемент: доверба меѓу земјите кандидати и земјите членки.
- „Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елемента: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји членки. Ова почнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија“, кажа Кос.
- Во коментар на германско-францускиот нон пејпер, кој промовира постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправно членство, таа вели процесот на пристапување бара време, но оти во денешниот свет Европската Унија не може да си дозволи да чека предолго. И, вели, задоволна е од тоа што гледа како европските лидери ја водат оваа дебата, со цел да се изнајдат начини, вели, „да ја доближиме ЕУ до идните граѓани многу порано“.
- По летото, Комисијата има намера да предложи нови начини на земјите членки да ги доближат земјите кандидатки до ЕУ пред пристапувањето. Но, има една важна точка. Ова ќе бара напредок во преговорите за пристапување. Без таков напредок, понатамошната постепена интеграција ќе биде ограничена.
За време на посетата на Македонија, комесарката Кос ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали. Нивните дискусии, се посочува, ќе се фокусираат на напредокот во спроведувањето на агендата за реформи, приоритетите за постепена интеграција во ЕУ и пошироките случувања поврзани со патот на земјата кон ЕУ. Како што наведуваат од Кабинетот на еврокомесарката, предвидено е Кос и премиерот Мицкоски да одржат заедничка прес-конференција. Таа ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, за да разговараат за важноста на конструктивниот политички дијалог и широката меѓупартиска поддршка за реформите поврзани со ЕУ.
Комесарката Кос ќе посети студентски дом во Скопје, реновиран со средства од ЕУ. Таа исто така ќе се сретне со младински организации од земјата за да разговараат за можностите што ги нуди поблиската интеграција со ЕУ на младите луѓе, вклучително и преку програми, како што се „Хоризонт Европа“ и „Еразмус+“. Подоцна во текот на денот, комесарката Кос ќе се сретне со претставници на организациите на граѓанското општество и медиумите за да разговара за спроведувањето на клучните реформи поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, соопшти Кабинетот на еврокомесарката Кос.
Северна Македонија има статус на кандидат за ЕУ од 2005 година, а уште во 2009 ѝ беше ветено дека ќе ги отвори пристапните преговори веднаш штом се реши спорот за името со Грција.
Иако спорот беше затворен во 2018 година и Атина го повлече ветото, процесот повторно заглави, но овојпат поради Бугарија. Софија го искористи правото на вето и го услови напредокот со барања поврзани со историските и јазичните прашања, како и со уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот.
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
о посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.
Со Грција, пак, во 2018 беше потпишан Преспанскиот договор со Република Грција по што земјава направи уставни измени и го промени името.


