Европската Унија (ЕУ) ќе одржи стратешка дебата за проширувањето и реформите оваа есен, што се очекува да биде потврдено во финалниот документ од дводневниот самит на лидерите на ЕУ, што на 18 и 19 јуни се одржува во Брисел, пренесе балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Во светлината на новиот моментум во процесот на проширување и потсетувајќи на Декларацијата од Гранада, Европскиот совет ќе одржи стратешка дискусија за проширувањето и реформите на својот состанок во октомври 2026 година“, се наведува во нацрт-заклучоците од состанокот на лидерите, до кои имаше пристап РСЕ.
Бо овој нацрт-документ се оценува самитотот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Тиват на 5 јуни, како настан што придонесе за нов момент во процесот на проширување.
Се очекува претстојната стратешка дебата да се осврне на новиот пристап кон проширувањето, кој сè уште не е формализиран, но веќе е споменат во најмалку три документи објавени во последните недели.
Првиот предлог го изнесе германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој поднесе таканаречен нон – пејпер до европските институции на крајот на мај. Во него, Мерц предложи земјите од Западен Балкан да добијат статус на набљудувач во ЕУ, додека Украина ќе добие статус на придружна членка без право на глас.
Еден ден пред самитот во Тиват, беше презентиран уште еден неофицијален документ, француско – германски предлог насочен кон наоѓање решение за новата динамика на процесот на проширување. Документот се однесува на земјите-кандидатки кои заостануваат во спроведувањето на институционалните реформи, што ЕУ го смета за клучен услов за членство.
Веднаш по тој настан, беше објавен трет нон-пејпер, подготвен од Германија, Франција, Белгија, Холандија и Луксембург. Во него се предлагаат ограничени права за идните членки на ЕУ, со цел да се заштити функционирањето на европските институции и да се спречи какво било можно регресирање на новите членки во почитувањето на основните европски вредности.
Дипломатски извори во Брисел потврдија за РСЕ дека интензивно се разгледуваат нови опции и пристапи кон процесот на прифаќање на идните членки. Во исто време, соговорниците навестуваат дека идните проширувања веројатно нема да го следат моделот применет во претходните бранови на проширување.
Нацрт-заклучоците за самитот на ЕУ, исто така, укажуваат на нов пристап преку нагласување на „постепена интеграција“. Иако не е експлицитно наведен, овој концепт е поврзан со предлог изготвен од кабинетите на германската канцеларка и францускиот претседател.
„Потсетувајќи се на своите претходни заклучоци, Европскиот совет повторува дека Европската Унија ќе продолжи тесно да соработува со Западен Балкан и да ги поддржува реформските напори на регионот на неговиот пат кон членство во ЕУ. Европскиот совет останува посветен на промовирање на постепена интеграција меѓу Европската Унија и регионот во текот на целиот процес на проширување, на начин базиран на заслуги и реверзибилен“, се вели во нацрт – заклучоците, кои се очекува лидерите на ЕУ да ги усвојат на крајот од самитот.
Пред две децении, Македонија се сметаше за една од земјите што постигнаа најголем напредок во европската интеграција. Денес таа е најголемиот заложник на политиката на вето на земјите – членки на ЕУ.
Македонија е кандидатка за полноправно членство од 2005 година. Во 2009 година на земјата ѝ беше ветено дека ќе ги отвори преговорите за пристапување штом ќе се реши спорот за името со соседна Грција.
Спорот беше решен во 2018 година, Грција го отстрани ветото, но Бугарија го искористи своето право на вето и продолжува да ја блокира Македонија во процесот на европска интеграција, инсистирајќи на почитување на заедничко историско и јазично наследство и барајќи уставни и образовни промени што би го признале бугарското малцинство во Македонија.


