Двајца поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се меѓу 18 физички и осум правни лица опфатени во истражна постапка за проневера на речиси тримилиони евра од федерацијата, соопшти Управата за финансиска полиција (УФП).
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не го објави идентитетот на осомничените. Медиумите веќе објавија дека во акцијата е приведен поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Мети Сејдини, исто така поранешен претседател на ФФМ.

За нив постои основано сомневање дека сториле кривично дело проневера во службата. На раководителка на Одделението за финансии и сметководство во Фудбалската федерација, 14 управители, сопственици и овластени лица во фирмите опфатени во истрагата, како и раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ, покрај за ова на товар им се става и кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Од надлежното Обвинителство информираат дека за 10 лица јавниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе предложи определување мерка притвор, додека за седуммина ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката.
Второосомничениот претседател на ФФМ, веќе е во притвор кој му е определен во друга постапка од април годинава. Сејдини тогаш беше уапсен за проневера на околу 700. 000 евра, средства што Европската фудбалска организација (УЕФА) ѝ ги доделила на ФФМ за градежни работи на стадионот во Охрид.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) утрово соопштија фдека по спроведена предистражна постапка од страна на истражителите од нивниот истражен центар денеска, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција реализирале координирана акција во која се опфатени повеќе физички и правни лица.
Во акцијата се приведени 12 лица, додека пет лица не се достапни.
Според доказите што ги обезбедило Обвинителството предистражната постапка, првоосомничениот, како претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1 јануари 2015 година до 25 јули 2018 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за други лица, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127 451 156 денари или околу 2 милиони евра.
Второосомничениот, пак, исто така во својство на претседател на ФФМ, по претходен договор со истата осомничена, во периодот од 25 јули 2018 година до 10 октомври 2019 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, присвоил парични средства доверени во службата во износ од 53 351 209 денари или околу 870.000 евра.
Во описот на делото, од ОЈО ГОКК е наведена улогата што ја имала осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство на ФФМ. Таа со цел да ги прикрие незаконските исплати кон фирми вршела манипулации со сметководствената евиденција на Фудбалската федерација – најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер.
„Со ваквите постапки предизвикала сметководствената евиденција на ФФМ да содржи нецелосни, неточни и манипулирани аналитички картици за деловни партнери и трошоци“, соопшти ОЈО ГОКК.
Според Обвинителството, двајцата осомничени претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка. Со тоа, тие овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите.
„Постапувајќи спротивно на член 92 од Статутот на ФФМ и член 6 од Правилникот за организација на ФФМ, како и непреземајќи мерки за спречување на незаконито користење на средствата, тие предизвикале штета на Фудбалската федерација на Македонија во вкупен износ од 180 802 365 денари“, информираат од ОЈО ГОКК.
Според досега прибраните докази, осомничените управители, сопственици и овластени лица во фирмите, се товарат дека се огрешиле пред законот, со тоа што во име и за сметка на правните лица, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ. Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување.
На овој начин на ФФМ ѝ била причинета штета во наведениот износ, додека правните лица се стекнале со противправна имотна корист.
Средствата прибавени со кривичното дело, потоа, псоред Обвинителството биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло.
Од Фудбалската федерација на Македонија преку соопштение посочија дека Федерацијата во 2019 година доставила пријава во Обвинителството за организиран криминал и корупција, по која потоа Управата за финансиска полиција покренала истрага и по која е поднесена кривична пријава во 2020 година. Според документацијата доставена до надлежните институции, како што посочуваат оттаму, вкупната штета нанесена на ФФМ за периодот од јануари 2015 година до крајот на 2019 година изнесува повеќе од 2,5 милиони евра.


