Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Сејдини, се гони за проневера во службата поврзана со пари наменети за стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
Основното јавно обвинителство соопшти оти тој е осомничен дека прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за фирма од Скопје. Она што е спорно е што бил потпишан договор со кој се предвидува исплата на аванс иако таков услов фирмата воопшто не поставила.
Станува збор за пари што ФФМ ги добила од европската куќа на фудбалот, УЕФА, во текот на 2024 година за изградба на трибина на охридскиот стадион. Сејдини дал предлог, а Управниот одбор одобрил да се почне со постапката за избор на компанија.
„По одобрување од Управниот одбор, осомничениот поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот. Била избрана најповолна понуда за изградба во вкупен износ од околу 3,3 милиони евра без ДДВ. Иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел авансна уплата во износ од 20%“ од вкупната вредност на договорот“, соопшти ОЈО Скопје.
Притоа, додаваат од обвинителството, осомничениот поранешен претседател на ФФМ не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс.
Откако го потпишал договорот, на 17 декември 2024 со негов налог авансот од околу 660 илјади евра бил префрлен на сметка на фирмата.
Поради опасност од бегство и страв дека може да ја попречува истрага со влијание врз сведоци, обвинителството бара Основниот кривичен суд Скопје да му изрече притвор на Сејдини.
Како што претходно објави Колегиум.мк, за истиот случај поранешниот претседател на ФФМ во февруари беше казнет од Дисциплинска комисија во рамки на Федерацијата.
Во соопштение кое го објави ФФМ тогаш беше наведено дека станува збор за договор за охридскиот стадион што бил потпишан со фирмата ДПТУ ЕНЕРГОИНВЕСТ ТРЕЈД ДОО Скопје.
Казната што му ја изрекла тогаш комисијата била забрана за вршење на функцијата делегат на ФФМ во период од две години.
Овие активности за кои се гони Сејдини се случувале непосредно пред неговото заминување од челната позиција во Федерацијата. На крајот на декември 2024 година, функцијата ја презеде тогаш новоизбраниот претседател Месар Омерагиќ.
Тој досега имаше остри критики кон поранешното раководство, а дел од најсериозните ги изнесе на редовното генерално Собрание на ФФМ на 21 март годинава. Тој зборуваше дека во последниот месец од мандатот на претходното раководство биле потрошени околу пет милиони евра наменети за развој на фудбалот. Изрази сомнежи и за манипулации во врска со регистрацијата на фудбалери во земјава наведувајќи конкретни бројки – при евиденција направена во декември 2024 биле запишани 44.996 фудбалери, додека при нова пререгистрација што новото раководство ја направило во јануари 2026 бројот изнесувал 14.210 што укажува дела можеби во земјава имало околу 30.000 лажни фудбалери.
Исто така, зборуваше и за можни местења на натпревари.
„Добивме и официјални информации од релевантни меѓународни институции во кои се посочуваат одредени сомнежи за одредени натпревари каде е нарушен интегритетот на тие натпревари. Тоа не се обвинувања, но се доволно сериозен сигнал да постапиме до крај за што веќе постапуваме. Конечните резултати јавно ќе бидат обелоденети со финализирање на постапките. Ќе одиме до крај без калкулации и без компромиси“, рече Омерагиќ на генералното Собрание.
По јавно изнесените сомнежи, Колегиум.мк се обрати и до УЕФА, но оттаму одговорија дека нивната пракса е да не коментираат за истраги или за постоење на потенцијални истраги и тој пристап го имаат за „цел да го зачуваат интегритетот на сите тековни истражни процеси“.
Мухамед Сејдини, поранешен претседател на ФФМ / Фото: Фејсбук профил на Сејдини


