Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Мухамед Сејдини, е приведен поради сомнежи за проневера и злоупотреба.
За какви злоупотреби и проневери се гони Сејдини, во овој момент од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, кое го оформило предметот, не откриваат.
Оттаму информираа дека во прашање се сомненија за кривичните дела проневера и злоупотреба и дека едно лице е лишено од слобода.
„Сè уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек“, велат од ОЈО Скопје.
Дел од неофицијалните информации што излегоа во јавноста е дека станува збор за проневера на пари од УЕФА за развој на фудбалот, како и дека се во прашање пари за стадионот во Охрид.
Неговото приведување следува еден месец откако јавно беа изнесени сомнежи за манипулации против поранешното раководство на ФФМ по повеќе основи. Меѓу нив, за финансиски злоупотреби, регистрација на фудбалери, но и за можно местење натпревари.
Сејдини, пак, по ова јавно не се огласи за обвинувањата.
УЕФА не коментира истраги
Од европската куќа на фудбалот, УЕФА, се воздржани за коментар. Откако актуелниот претседател на Федерацијата, Месар Омерагиќ, јавно на 21 март зборуваше дека добиле информации од „релевантни меѓународни институции во кои се посочуваат одредени сомнежи за одредени натпревари каде е нарушен интегритетот на тие натпревари“, Колегиум.мк се обрати до УЕФА.
На прашањата за тоа дали ја информирале македонската федерација за вакви сомнежи, дали станува збор за домашни или меѓународни и какви се сомнежи имаат за манипулации со фудбалските натпревари во Северна Македонија, од УЕФА одговорија дека не коментираат за ниедна тековна или идна истрага.
„Според нашата долгогодишна пракса, УЕФА не коментира за истраги или за постоење на потенцијални истраги за наводно местење натпревари. Овој пристап има за цел да го зачува интегритетот на сите тековни или идни истражни процеси. УЕФА комуницира само за специфични случаи или натпревари откако ќе бидат покренати дисциплински постапки и/или ќе бидат донесени одлуки. Во оваа фаза, немаме дополнителни коментари или информации да дадеме за ова прашање“, одговорија од УЕФА за Колегиум.мк.
Првиот човек на ФФМ тогаш рече дека информациите што ги добиле се доволно сериозен сигнал да постапат до крај и оти „конечните резултати јавно ќе бидат обелоденети со финализирање на постапките“.
„Ќе одиме до крај без калкулации и без компромиси“, рече Омерагиќ.
Обвинувања за лажни фудбалери

Покрај информации за компромитирање натпревари, Омерагиќ на генералното собрание на ФФМ на 21 март зборуваше и за конкретно одлевање на пари од сметката на Федерацијата во времето на Сејдини.
„Во период од само еден месец, од ноември до декември 2024 година, еден месец пред да ја преземеме функцијата, потрошени се околу пет милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот“, рече првиот човек на ФФМ обраќајќи се на редовното генерално Собрание.
Кога е во прашање регистрацијата на фудбалери, тој посочи големи разлики во бројките што упатуваат дека во земјава имало околу 30.000 лажни фудбалери.
Според тврдењата на Омерагиќ, при пререгистрација на фудбалери направена во декември 2024 година, во земјава биле регистрирани 44.996 фудбалери. За речиси една година, при пререгистрација во јануари 2026 имало 14.210.
Сомнежи околу договор за стадионот во Охрид
Омерагиќ ја презеде функцијата прв човек на ФФМ од Сејдини на крајот на 2024 година.
Уште еден сомнеж за работата на Сејдини на крајот од неговиот мандат, беше изнесен во меѓувреме од страна на Дисциплинска комисија во Федерацијата.
Конкретно, тој во февруари 2026 година беше санкциониран од актуелното раководство на Федерација со двегодишна забрана да биде делегат во ФФМ поради измама и доведување во заблуда на Управниот одбор.
Дисциплинската комисија во ФФМ ја изрече оваа мерка поради договор за изградба на трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид вреден 3,3 милиони евра.
Комисијата утврдила дека Одборот за итност на ФФМ донела одлука да прифати понуда во која немало услов за авансно плаќање и го овластило Сејдини да го потпише договорот. Но, според тврдењата од ФФМ, тој на крај потпишал договор во кој бил вметнат услов за авансно плаќање од 20%.
Договорот Сејдини го потпишал со фирмата ДПТУ ЕНЕРГОИНВЕСТ ТРЕЈД ДОО, на 3 декември 2024, нецел месец пред неговото заминување од челната позиција во ФФМ.


