Инфантино за критиките за СП26: Обземени од омраза пропуштивте радост

Објавено:

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, одговори на критиките за Светското првенство кое се одржа во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули.

„Ова е мојата порака до сите кои ги пропуштија нашите прекрасни игри, емоциите, прославите, смеата, солзите и радоста. На сите што пропуштија да видат деца, бебиња, родители и баби и дедовци заедно на прекрасна игра. Се извинувам за завршувањето на игрите и што ја пропуштивте целата таа радост и заедништво. Се извинувам што бевте толку обземени од омразата и критиките, па го пропуштивте сето тоа. На оние што седат со пенкала и хартии, зад своите екрани, ширејќи омраза и лажни гласини, сакам да им кажам дека додека вие седите настрана, ние во ФИФА сме на првата линија, организираме, работиме напорно и го правиме најдоброто шоу во светот. Додека вие се криете, ние ги истражуваме улиците на Канада, Мексико и САД, се поврзуваме со навивачите, комуницираме со луѓето и ја осигуруваме безбедноста на сите. Додека вие делите, ние се обединуваме. Луѓето се собираат како семејства, како навивачи, како едно. Ова Светско првенство ја прослави човештвото во најдобро издание“, порача меѓу другото Инфантино, одговарајќи на бројните критики за низата пропусти и скандали кои го следеа Мундијалот, пренесоа светските новински агенции.

ФИФА својата оценка за успешноста на Светското првенство ја темели пред сè на бројките. Според официјалните податоци, вкупно 6.810.966 гледачи присуствувале на 104 натпревари во 16 градови, што претставува рекорд во историјата на Светските првенства.

Инфантино бројката ја заокружи на речиси седум милиони посетители од повеќе од 200 земји, нагласувајќи дека стадионите биле исполнети, атмосферата позитивна, а безбедноста на највисоко ниво.

Тој смета дека токму овие бројки покажуваат дека првото Светско првенство со 48 репрезентации било успешен проект кој им дал поголема видливост и на помалите фудбалски нации. Како пример ја посочи и репрезентацијата на Хаити.