Вучиќ пред еден месец помилувал 49 лица – меѓу нив и Дијана Хркаловиќ и возач кој прегази студентка

Објавено:

Пред да поднесе оставка од претседателската функција на 27 септември 2026 година, Александар Вучиќ донел одлука за помилување на вкупно 49 лица. Иако комплетниот список првично не беше објавен, судовите во Белград и Нови Сад на 2 ноември 2026 година официјално ги објавија имињата на 23 помилувани лица, јавуваат повеќе српски медиуми.

Високиот суд во Белград во понеделник објави дека „одлуките на претседателот на Република Србија за помилувања се доставени од е-поштата на Министерството за правда на Република Србија“.

Дијана Хркаловиќ, поранешна државна секретарка во Министерството за внатрешни работи е ослободена од кривично гонење за кривично дело трговија со влијание во постапка поврзана со организиран криминал. Хркаловиќ, која јавно беше споменувана како лице со блиски врски со членови на криминални групи, првично беше осудена на 16 месеци затвор, но Апелациониот суд ја поништи таа пресуда во декември 2025 година и нареди ново судење.

Марко Павловиќ е ослободен од кривично гонење за кривично дело обид за тешко убиство (случај во кој со возило прегази студентка во Белград), а Драгана Живадиновиќ, поранешна судијка, е ослободена од кривично гонење за кривично дело злоупотреба на службена положба (уапсена за примање мито).

Судот соопшти дека Небојша Ѓокиќ е ослободен од кривично гонење за кривично дело перење пари.

Вишиот суд во Нови Сад објави дека во писмото на Министерството за правда се наведува дека Горски Матовиќ, Стевица Киш и Александар Коциќ се ослободени од кривично гонење за кривично дело насилно однесување на спортски настан или јавен собир.

Огњен Станковиќ е ослободен од кривично гонење за кривичните дела насилно однесување на спортски настан или јавен собир и тешка телесна повреда, а Немања Нарачи за кривичните дела насилно однесување на спортски настан или јавен собир, тешка телесна повреда и предизвикување општа опасност.

Според соопштението на судот во Нови Сад, Игор Елез е ослободен од кривично гонење за кривично дело примање поткуп.

Вишиот суд во Нови Сад соопшти дека се ослободени од кривично гонење за кривично дело подготвување акт против уставниот поредок и безбедноста на Србија во соучесништво во врска со кривичното дело напаѓање на уставниот поредок и кривичното дело повикување на насилна промена на уставниот поредок: Ања Питулиќ, Др. Бранислав Ѓорѓевиќ, Мила Пајиќ, Давор Стефановиќ, Срѓан Ѓуриќ, Младен Цвијетиќ, Ладо Јововиќ, Марија Васиќ и Лазар Диниќ. Тоа се опозициски активисти и студенти обвинети за подготовка на напад врз уставниот поредок и повикување на насилна промена на уставниот поредок, откако нивниот снимен разговор првпат беше објавен во провладините медиуми.

Вучиќ изјави дека одлуката ја донел како своја законска надлежност и акт на милост, најмногу поради возраста на дел од лицата. Српското Обвинителство за организиран криминал покрена проверка за сите 49 помилувања.

На 25 октомври во Србија се пдржаа предвремени парламентарни избори, на кои Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС) ја загубија власта по 14 години владеење. На изборите победи новоформираното граѓанско движење „Студентска листа“, кое освои апсолутно мнозинство во Собранието. Движењето настана како резултат на револтот во јавноста од падот на настрешницата во Нови Сад во ноември 2024, што предизвика долготрајни протести против власта на Вучиќ.

  • На 27 септември 2026 година, Вучиќ поднесе оставка од претседателската функција за да може директно да ја предводи изборната листа на СНС „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ и да се кандидира за премиер. „Студентската листа“ освои околу половина милион гласа повеќе од Вучиќ и ќе ја формира идната влада на Србија.