Песков: Не се можни плановите да се испорачува гас за Европа преку Украина

Објавено:

Ситуацијата на терен укажува дека плановите за продолжување на испораките на руски гас за Европа преку Украина во моментов не се можни, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во врска со информациите претходно објавени од „Волстрит џурнал“ дека неименувани претставници изјавиле дека САД наводно се стремат да ги продолжат испораките на руски гас за Европа преку Украина, Песков рече дека „малку е веројатно дека за тоа сè уште може да се разговара“, јави РИА Новости.

Песков рече дека „моменталната состојба“, благо речено, „покажува невозможност за спроведување на вакви планови во овој момент“ и дека идните испораки на руски гас за Европа ќе зависат од подготвеноста на купувачите и можностите на продавачите.

„Ќе видиме што ќе се случи во иднина. Сè ќе зависи од желбите на купувачите, желбите на продавачите и можностите на продавачите. Бидејќи, како што знаете, пазарот на гас е многу поголем од европскиот, иако европскиот пазар е примарен. Но, во исто време, знаете дека центрите на глобалниот економски раст се далеку од тоа да бидат во Европа. Тие, на крајот на краиштата, се на колективниот југ“, кажа Песков.

Американската администрација предложи план за обновување на испораките на руски гас во Европа преку Украина. Според „Волстрит џурнал“, плановите ги промовирале американски претставници (меѓу кои Џаред Кушнер и Стив Виткоф), преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп.

  • Планот предвидува Русија повторно да продава природен гас преку американски посредник за да се заобиколат европските ограничувања и забрани. Од тоа корист би имала и Украина преку наплата на транзитни такси, а идејата се поврзува и со пошироки разговори за смирување на конфликтот.
  • Европската Унија остро се противи на враќањето на рускиот гас, со став дека забраните за испорака на руски енергенси треба да останат трајни.
  • Договорот меѓу Русија и Украина за директен транзит на гас низ украинска територија официјално истече на 1 јануари 2025 година.