Фајненшл тајмс: Алта била омилена банка на руски државјани и компании

Објавено:

Српската централна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, финансиска институција што ја користеле руски државјани и компании, а која се најде под меѓународна лупа поради сомневања за перење пари, пишува Фајненшл Тајмс (ФТ).

Одлуката доаѓа помалку од една недела откако долгогодишниот српски лидер Александар Вучиќ ги загуби изборите од студентското движење, кое протестираше против наводната корупција и зголемувањето на авторитарното владеење.

Банкарските операции на Алта се суспендирани, а некои клиенти за „Фајненшл тајмс“ изјавиле дека од саботата не можат да подигнат пари од своите сметки. Српската Агенција за осигурување на депозити соопшти дека системот за осигурување покрива депозити до 50.000 евра по штедач.

Во деновите по изборите, клиентите на Алта повлекле големи суми пари, а значителни износи биле префрлени и надвор од земјата, изјавиле српски официјални претставници за „Фајненшл тајмс“.

Според лица запознаени со случајот, Алта имала значајна улога во овозможувањето трансфери на пари од руски физички и правни лица и кон нив, по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Таа била една од ретките банки во Србија подготвени да им обезбедуваат услуги и на руски државјани и на руски компании.

Алта претходно била предмет на проверка од Европската централна банка поради сомневања за перење пари. Истрагата на ЕЦБ предизвикала сериозна загриженост во врска со работењето на српската банкарска групација, при што претставници на институцијата поставиле прашање дали банката може да го потврди легитимното потекло на средствата што биле депонирани.

Голем удар за Русите кои живеат во Србија

Затворањето на банката особено ја погодува руската заедница во Србија, изјавиле неколку руски државјани со пасоши на Руската Федерација, кои живеат во Белград, за „Фајненшл тајмс“.

До крајот на минатата година, околу 55.000 руски државјани имале дозволи за престој во Србија, што е повеќе од десетпати над бројот пред инвазијата врз Украина. Тие се најголемата група странски државјани во балканската земја.

Павел Белавин, руски новинар кој сега живее во Белград и е клиент на Алта, изјавил дека неговите сметки во банката се замрзнати од саботата. Апликацијата на банката повремено функционирала, овозможувајќи им на клиентите да ја проверат состојбата на сметките, но не и да вршат други операции, рекол тој.

Белавин додал дека не добил никакви инструкции ниту од Алта ниту од Народната банка на Србија за тоа што ќе се случува со неговите сметки. Според него, Алта била најпопуларната банка меѓу руската заедница бидејќи им овозможувала на руските државјани да отвораат и лични и деловни сметки.

Олга, руска емигрантка која работи како финансиски консултант, изјавила дека добила пораки од вознемирени руски клиенти кои во банката ги чувале „сите семејни заштеди“. Меѓу нив имало и клиент кој неодамна депонирал „300.000 евра од продажбата на стан во Русија“.

Во 2022 година, Алта соопштила дека нејзината изложеност на девизен ризик се зголемила на 42 проценти, над максимално дозволениот праг од 20 проценти, поради значителниот прилив на руски рубљи „во услови на војната и санкциите на ЕУ против Русија“.

Депозитите на клиентите во Алта до крајот на минатата година биле повеќе од петпати поголеми во споредба со периодот пред почетокот на војната.

Алта банка не одговорила на барањата за коментар.

Се распаѓа клиентелистичкиот режим на Вучиќ

Матичната компанија на банката, Алта пеј (Alta Pay), е во сопственост на еден од најпознатите српски бизнисмени, Давор Мацура, кој во последните недели најмалку двапати се обидел да ја напушти Србија, според информации од официјални претставници.

По изборите, Мацура се обидел да избега во Москва, изјавиле за „Фајненшл тајмс“ лица запознаени со ситуацијата. Мацура не одговорил на барањата за коментар.

Милош Дамњановиќ, аналитичар во консултантската организација БИРН (BIRN) во Белград, го опиша случајот со Алта банка како показател за промените во политичкиот систем.

„Одземањето на лиценцата на Алта банка укажува не само на тоа дека клиентелистичкиот режим на Вучиќ се распаѓа побрзо од очекуваното, туку и дека во рамките на самиот систем има луѓе кои се подготвени да учествуваат во неговото демонтирање“, изјави Дамњановиќ.