Во текот на една недела граѓаните кои имаат сметки во Алта банка Битола ќе може да вршат плаќања во износ до 10 000 денари, којшто може да се користи со картичките издадени од Банката, соопшти гувернерот на Народната Банка, Трајко Славески. Тој објави дека од утре се воведува администрација во Алта банка а.д. Битола, што би значело дека управувањето со банката привремено преминува во надлежност на лица на Народната банка.
Сите интерни плаќања остануваат овозможени во неограничен износ, а фирмите може да вршат плаќања во рамките на сметките на банката. Гувернерот ги повика сите кои имаат кредити да продолжат да ги подмируваат своите обврски.
„Овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите. Во интерес на граѓаните, а со цел извршувања на секојдневните плаќања, определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, којшто може да се користи со картичките издадени од Банката. Сите интерни плаќања помеѓу сметките на клиентите (правни и физички лица) во рамки на Банката остануваат овозможени во неограничен износ“, рече Славески додавајќи дека се работи за привремена мерка, која би била во сила најмногу до 3 месеци.
Оваа одлука на Извршниот одбор на македонската централна банка следува откако Народната банка на Србија и ја одзеде дозволата за работа на Алта банка Белград, која е доминантен сопственик на македонската Алта банка Битола.
Гувернерот уверува дека македонската Алта банка е ликвидна и ги исполнува условите за работење, но дека Народната банка останува главен супервизор кој во рамките на законските надлежности ќе ја следи ситуацијата. Славески додаде дека до вчера од банката биле подигнати околу 2 милиони евра.
Најави дека во следните денови администраторите од НБРМ ќе определат оптимизација на мрежата на филијали, што значи дека ќе им се излезе во пресрет на група граѓани кои имаат депозити во Алта банка Битола, а немаат картички.
Алта банка е во фокусот на јавноста и во Србија и во Македонија откако излегоа информации за наводно изнесување пари од оваа банка кон сметки и правни лица во Скопје и Москва. Станува збор за банка која важеше за блиска до власта на Александар Вучиќ кој изгуби на парламентарните избори на 25 октомври.
Гуверенерот Славески уште еднаш негираше дека приливи од Белград во Скопје немало.
„Според информациите од почетокот на оваа криза за белградската банка нема приливи во Македонија, како што имаше шпекулации“, уверува Славески.
Гувернерот вели дека веќе има неколку домашни и странски финансиски институции кои се заинтересирани за купување акции во Алта банка Битола.
„Има повеќе заинтересирани купувачи на акциите и тие ќе се понудат на продажба откако ќе се испочитуваат правата и обврските на акционерите. Треба да знаете дека ние и го одземаме правото на глас на банката, но правото на сопственост останува. Сопственикот има кус рок да ги понудат акциите на продажба, во спротивно продажбата ќе оди преку Народна банка“, изјави Славески.
Случајот со „Алта банка“ предизвика загриженост кај македонската јавност откако Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука за одземање на дозволата за работа на „Алта банка АД Белград“ поради значително влошување на нејзината финансиска состојба и ликвидност.
Информациите за одземената лиценца и сомнежот за наводни интензивни трансфери на капитал од Србија кон сметки во Москва и Скопје брзо создадоа паника кај дел од македонските граѓани, кои чекаа пред експозитурите и банкоматите на домашната банка за да ги подигнат своите депозити.
Сепак, Народната банка на Северна Македонија уверува дека „Алта банка АД Битола“ е самостојно правно лице со сопствена лиценца кое работи строго според домашната регулаторна рамка, нагласувајќи дека српските случувања не значат автоматизирано затворање на битолската банка.
Во меѓувреме, и раководството на Алта банка Битола потврди дека институцијата е целосно ликвидна, дека сите експозитури и банкомати функционираат вообичаено и дека банката не е предмет на политички притисоци.
Од друга страна, опозицискиот лидер Венко Филипче побара оставка од гувернерот Трајко Славески, а од Јавното обвинителство да го испита влезот на банката на македонскиот пазар, отворајќи прашања за безбедноста на депозитите на граѓаните и јавните претпријатија.
Според податоците на Народната банка на Србија, АЛТА банка е во блокада од 30 октомври 2026 година.
Инаку српска Алта банка е на македонскиот пазар од минатата година кога ја презеде Стопанска банка – Битола. За оваа банка дел од српските медиуми во минатото пишуваа дека е блиска до доскорешниот српски претседател Александар Вучиќ, кој на предвремените парламентарни избори на 25 октомври изгуби од Студентската листа.
АЛТА банка во последните години била задолжена за најголемите финансиски трансакции во Србија.
Нејзини клиенти биле државни компании кои ја заобиколиле државната Поштенска штедилница и ги префрлиле сите уплати на сметките во оваа банка. Меѓу нив најпозната и најголема е Електростопанството на Србија (ЕПС), преку кое се плаќаат сметките за електрична енергија, а клиенти биле и Автомото-сојузот на Србија и белградската служба за паркирање.


