Осомничените за двете убиства во Скопје добија мерка притвор во траење од 30 дена, откако претходно во два наврати им беше одредуван кус притвор од по 48 часа.
Од Основниот кривичен суд Скопје потврдија дека за четирите лица е донесена нова одлука за продолжување на притворот.
Случајот започна со апсењето на 28 октомври, кога Министерството за внатрешни работи лиши од слобода четири лица: А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58) од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица. Тие се сомничат за две кривични дела „разбојништво со последица смрт“, извршени во рок од пет дена.
Жртвите, 62-годишен маж и 76-годишна жена, беа пронајдени мртви во нивните домови, првиот на 22 октомври во населбата Хром, а втората на 27 октомври во Ѓорче Петров.
Полициската акција беше спроведена во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, со цел прибирање и комплетирање на сите докази за понатамошната судска постапка.


