Рускиот претседател Владимир Путин никогаш не одбил да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а доколку сака лична средба, Зеленски е добредојден во Москва, изјави денеска советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Во разговор со Павел Зарубин, новинар од руската телевизиска станица Вести, Ушаков беше прашан дали Путин ќе одговори доколку Зеленски го повика по телефон.
„Мислам дека, секако, би се јавил. Путин никогаш не одбил разговор“, одговори Ушаков.
Тој додаде дека ако Зеленски навистина сака да преговара со рускиот лидер, може да дојде во Москва.
„Тоа испраќа сигнали преку различни канали. Ако навистина сака да преговара, слободно може да дојде во Москва“, изјави советникот на Кремљ.
Откако започна руската инвазија врз Украина во 2022 година, директни средби меѓу двајцата лидери немало.
Меѓународните медиуми редовно пренесуваат вести поврзани со евентуални нови мировни преговори или изјави од двете страни за подготвеност или услови под кои би можело да дојде до нова директна средба, но досега нов физички состанок не е реализиран.


