Помпео: Путин не е подготвен да ја заврши војната во Украина

Објавено:

Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео оценува дека рускиот претседател Владимир Путин сè уште не покажал подготвеност да ја заврши војната против Украина и дека продолжува да ја смета користа од конфликтот за поголема од неговата цена. Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), Помпео предупредува и дека продлабочувањето на соработката меѓу Москва, Пекинг, Техеран и Пјонгјанг претставува сериозен предизвик за безбедноста на Западот.

Помпео смета дека украинското раководство нема да прифати неповолен договор, и покрај зголемениот политички и воен притисок со кој се соочува земјата. Според него, украинските сили досега покажале голема издржливост, со значителна поддршка од САД и европските држави.

„Не можам да замислам дека Киев на крајот ќе прифати лош договор. Предолго се во оваа борба. Се борат силно и, искрено, беа премногу успешни, со огромна поддршка од Соединетите Држави и Европа“, изјави Помпео за РСЕ.

Според Помпео, клучното прашање во евентуалниот мировен договор не треба да биде само каде ќе бидат воспоставени линиите на разграничување, туку какви долгорочни безбедносни гаранции ќе добие Украина за да се спречи нова руска агресија. Тој посочува дека гаранциите не мора нужно да бидат поврзани со членството на Украина во НАТО, но оценува дека присуството на европски воени сили, кои не се украински, на линијата на разграничување би имало значајна улога.

„Присуството на европски сили, кои не се украински, на линијата би значело дека секој напад по спроведувањето на договорот всушност би бил напад врз Западот, а не само врз Украина“, вели поранешниот американски државен секретар.

Москва, Пекинг, Техеран и Пјонгјанг дејствуваат заедно

Помпео исто така предупредува дека соработката меѓу Русија, Кина, Иран и Северна Кореја не е само привремено поврзување на интереси, туку реална координација на повеќе нивоа, насочена кон поткопување на безбедносниот поредок воспоставен по Втората светска војна.

„Јасно е дека постои сојуз. Јасно е дека соработуваат. Пјонгјанг, Пекинг, Техеран и Москва навистина работат заедно“, вели Помпео.

Тој додава дека соработката се одвива на повеќе нивоа – од размена на оружје, електронски компоненти и разузнавачки информации до координација меѓу највисоките државни раководства.

Нема доверба во Путин, но дипломатијата треба да продолжи

Поранешниот американски државен секретар смета дека САД и нивните сојузници не треба да му веруваат на дипломатските предлози на Путин, но тоа не значи дека треба да се откажат од разговорите. Според него, преговорите со лидер на кој не му се верува не се невообичаени, но вистинската доверба може да се изгради единствено преку конкретни постапки и спроведување на договореното.

„Не му верувате на ниту еден збор што го кажува. Едноставно ги следите неговите постапки. Но, не е невообичаено да разговарате со некого на кого не му верувате“, вели Помпео.

Тој како доказ за недостигот од подготвеност на Москва за компромис ги наведува ограничените прекини на огнот досега. Според него, рускиот претседател не бил подготвен да прифати ниту пошироки примирја, и покрај тоа што украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно изразил подготвеност за прекин на огнот во енергетскиот сектор, во земјоделството и на Црното Море, како и за примирје долж актуелните воени линии.

Помпео оценува дека постои значителна разлика меѓу подготвеноста на Зеленски да разговара за такви решенија и односот на Путин кон преговорите.