Врховниот суд ја укина пресудата за пожарот во Модуларната болница во Тетово и го врати предметот пред тетовскиот Освен суд на повторно постапување и одлучување.
Од Врховниот суд соопштија дека ги уважиле жалбите за вонредно преиспитување на пресудата што го поднеле обвинетите.
Во пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021, за време на ковид-пандемијата, 14 луѓе ги загубија животите. Тие се лекуваа од ковид во рамки на Клиничката болница Тетово.
Првично обвинети беа болницата како правно лице, како и директорите – економскиот и медицинскиот, Флорин Бесими и Артан Етеми и докторот Бобан Вучевски. Пресуда се донесе на 5 јуни 2023, со која директорите и болницата беа огласени за виновни и добија условни казни, додека Вучевски доби ослободителна пресуда.
Апелациониот суд во Гостивар во април 2024 го потврди ослободувањето од вина за Вучевски, но за директорите ја укина осудителната пресуда и го врати предметот на повторно судење.
Во повтореното судење, во мај 2025 тие повторно беа огласени за виновни од Основниот суд, но овој пат добија затворски казни од година и пол. Во ноември истата година, Апелација донесе правосилна одлука со која ги зголеми затворските казни на по три години.
Обвинетите во текот на судењето нагласуваа дека процесот немал за цел да ги открие вистинските виновници за пожарот.
„Од длабочините на мојата душа, изразувам сочувство до семејствата на жртвите. Судењето немаше за цел да ја открие вистинската одговорност за пожарот во модуларната болница. Ова судење се претвори во судење против оние кои не беа виновни. Бев обвинет дека немам противпожарни апарати. Јас не го потпишав приемот-предавањето на објектот и за ова сведочев на суд, но ова не беше земено предвид. Ова не е правда, туку отстапување од вистината“, рече Бесими по повторената пресуда во мај 2025-та.
Сегашната одлука на Врховен за укинување на пресудата од Апелација, со која се казнуваат директорите со по три години затвор, ќе значи второ враќање од почеток на судскиот процес за Модуларната боница.
Тие се гонат за делото „тешки дела против општата сигурност“. Меѓутоа, за врховните судии има нејаснотии во пресудата.
„Не е јасно од кој доказ судовите утврдиле дека обвинетите постапувале како соизвршители во извршување на кривичното дело, кое им се става на товар, со несторување, а по укинувањето на првата првостепена пресуда од Апелациониот суд. Потоа, кој нов доказ е изведен за да судовите прифатат дека осудените постапувале како соизвршители, на кој начин се договориле осудените да не постават ПП-апарати и хидрантска мрежа, што не е јасно образложено во пресудите на пониските судови. Исто така, ако постапувале како соизвршители обвинетите не може да одговараат за по едно кривично дело, туку за едно кривично дело“, гласи дел од образложението на Врховниот суд.
Врховните судии му налагаат на Основниот суд во новото судење да ги следи напатствијата што ги даваат тие во својата одлука.


