Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го затвори случајот за набавка на 19 модуларни болници во време на ковид-пандемијата.
Ова значи дека во рамки на предистрагата што траеше околу пет години, обвинителството не најде никаков криминал и никој нема да се гони кривично.
Или, како што појаснуваат од ОЈО ГОКК, по извршени проверки и анализи на документацијата, оценето е дека „не постојат основи на сомнение за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања ниту за друго кривично дело кое се гони по службена должност“.
Предметот ОЈО ГОКК го отвори самоиницијативно на 10 септември 2021 година. Набавката на модуларните болници беше направена во ковид-кризата во време на тогашната влада предводена од Зоран Заев во која министер за здравство беше актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче.
Тендерот за изградба на модуларните болници, го доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра. Меѓу болниците беше и тетовската каде настана пожар на 8 септември 2021 при што загинаа 14 пациенти.
ОЈО ГОКК: И Светска банка потврди дека набавката била според нејзини правила
Во објаснувањето зошто е затворен случајот и што се било анализирано, од Обвинителството, меѓу другото, посочуваат и на правилата на Светска банка со оглед дека била анализирана набавка на модуларни монтажни контејнери направена во рамки на проектот за итно справување со ковид-19 што е финансиран од оваа меѓународна институција.
Тендерите, се тврди, биле спроведени според правилата на Светска банка, со барање понуди преку меѓународен пазар. Паралелно, Бирото за јавни набавки потврдило дека во вакви случаи не се применуваат одредбите од Законот за јавни набавки со оглед дека се спроведуваат по правила на меѓународна организација.
„Обвинителството ја анализираше и документацијата за активностите на Светска банка по пожарот во модуларната болница во Тетово. Во октомври 2021 година биле посетени објектите во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита. Според документацијата, тимот на Светска банка потврдил дека постапката за набавка била во согласност со важечките правила на банката и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации“, велат од ОЈО ГОКК.
Откако започна ковид-пандемијата, во периодот од април до јуни 2020 биле спроведени три набавки за да се изградат дополнителни капацитети во болниците.
Набавките се однесувале на монтажни контејнери кај Клиниката за инфективни болести во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар и формирање монтажно-модуларен амбулантско-поликлинички оддел за потребите на Клиниката за пулмологија и алергологија.
„Беше анализирана и регулативата од областа на градењето. Јавниот повик бил објавен на 13 октомври 2020 година, а договорот бил склучен на 30 ноември 2020 година. Во меѓувреме, со измените на Законот за градење објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење. Од прибраната документација произлегува дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните градби, како и соодветна проектна документација“, велат од Обвинителството.
Од анализата на оваа и на сета останата документација прибавена од други институции, според ОЈО ГОКК, не се утврдени факти дека некое службено лице ја злоупотребило положбата или овластувањата и не направило штета на буџетот односно не прибавило имотна корист.
Од тие причини, обвинителството потенцира дека нема место за понатамошно постапување во предметот.
Одлуката за затворање на истрагата ја донесе обвинителката Верица Бержецка Крстева во чии раце последно се најде случајот. Тој беше отворен од поранешната обвинителка и шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, а потоа извесен период на него работеше и обвинителката Елизабета Јосифовска.


