Се префрлаат ли пари од Србија во Македонија по падот на Вучиќ?

Објавено:

„Народната банка на Северна Македонија го следи работењето на сите банки, нивната ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици“. „Банкарскиот систем е стабилен и отпорен, под постојан супервизорски надзор“.

Ова се дел од клучните пораки што ги испраќа гувернерот Трајко Славески по информациите дека Алта Банка извлекува пари од Србија во Скопје и Москва.

„Домашниот банкарски систем е стабилен и отпорен. Народната банка континуирано, на секојдневна основа, го следи работењето на банките, нивната ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици и презема соодветни мерки во рамките на своите надлежности кога за тоа има основа“, вели Славески во изјава за српската телевизија Н1, која народната банка како реакција ја објави и на својата веб-страница.

Српска Алта Банка е на македонскиот пазар од минатата година кога ја презеде Стопанска банка – Битола. За оваа Банка дел од српските медиуми во минатото пишуваа дека е блиска до доскорешниот српски претседател Александар Вучиќ, кој на предвремените парламентарни избори на 25 октомври изгуби од Студентската листа.

Првичната информација во јавноста дека се изнесуваат пари кон Скопје и Москва, по падот на Вучиќ, ја сподели српскиот адвокат Иван Ниниќ. Ниниќ не кажа за која банка станува збор, но рече оти има оперативни сознанија дека почнувајќи од 26 октомври една од банките започнала процес на „интензивни и забрзани трансфери на средства (ликвиден капитал) во странство, поточно на сметки и правни лица лоцирани во Москва и Скопје, каде именуваната банка односно лица поврзани со неа поседуваат сопственички удел во банкарскиот и осигурителниот сектор“.

Истите тврдења за трансфер на пари потоа беа изнесени и од кандидатката од Студентската листа, Сара ел Сараг, при гостувањето на Н1 ТВ.

Од телевизијата се обратиле и до Алта Банка, но досега не добиле одговор.

Од Народната банка на Србија, пак, за Н1 реагирале дека „трансферите на средства од финансиски институции се вршат преку редовни канали за плаќање, во согласност со важечките прописи и утврдените процедури“.

Од македонска страна, пак, не коментираат за случувањата во српскиот банкарски систем.

„Во однос на наводите за трансфер на средства од Србија кон странство, Народната банка на Србија веќе излезе со официјално соопштение и не би коментиралe непроверени тврдења што се однесуваат на банкарскиот систем во друга земја. Одливите на капитал од одредена земја треба да се предмет на интерес на нејзините надлежни институции. Инвеститорите се одлучуваат за селење на финансискиот капитал од различни причини: потрага по повисоки приноси, поповолна инвестициска клима надвор од земјата, во периоди на неизвесност и слично“, пишува интегралното соопштение што го објави Народната банка на Северна Македонија.

Гувернерот Славески во истата изјава што ја пренесува и Н1 наведува и оти „во современата економија, во која земјите и финансиските пазари се тесно поврзани, прекуграничните финансиски текови се вообичаен дел од економските активности“.

„Компаниите вршат плаќања кон странски добавувачи, банките извршуваат трансакции за своите клиенти, а инвеститорите вложуваат средства и на домашните и на странските пазари. И нашата земја има приливи и одливи на капитал, вклучително и преку портфолио-инвестициите во странство“, истакнува Славески.

На оваа тема денеска се огласија и од опозициската СДСМ. Секретарот за меѓународна соработка на социјалдемократите, Андреј Жерновски, на прес-конференција праша дали од Алта Банка во Србија се префрлаат над 50 милиони евра во Македонија, повикувајќи го Славески и премиерот Христијан Мицкоски да одговорат на прашањата.