Судот му го одзеде пасошот на Билал Кара, претседател Управниот одбор на Европската очна болница, кој е под истрага откако МВР вчера објави дека приватна болница наплаќала двојно за операција на очи – еднаш од Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ) и еднаш од граѓаните – при што болницата е во ќар од над 4 милиони евра, а буџетот е оштетен за околу 1,5 милиони евра.
Кара има обврска и да ја напушти Македонија и повремено да се јавува во судот, во рамки на мерките за претпазливост што ги изрече Кривичниот суд.
Според досегашните информации од истрагата, осомничените наводно користеле фиктивни фактури и невистинити податоци во електронскиот систем за да се реализираат исплатите од Фондот. На пациентите, покрај законската партиципација, им биле наплаќани и дополнителни суми по приватни цени, без да бидат информирани дека услугите веќе биле платени од ФЗО.
Инволвирани се поранешни и сегашни вработени во Фондот, меѓу кои и поранешниот генерален директор Ден Дончев кој беше на позицијата од 2017 до 2020 година, и други раководни лица во приватната болница. Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера соопшти дека во рамки на акцијата се уапсени осум лица, а при извршените претреси се пронајдени и одземени околу 50.000 евра и мобилни телефони.
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 11 физички лица, од кои еден албански државјанин и едно правно лице, и тоа: Д.Д.(60) од Скопје, О.Р.(66) од Тетово и С.Б.(59) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“, Р.А.(45) од Куманово за „несовесно работење во службата“, З.А.(35) од Скопје за „фалсификување или уништување деловни книги“, В.Ќ. (47) од Скопје, С.А.(40) од Скопје и Г.А.(33) од Р. Албанија за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „измама во службата“, Ц.С.(47) од Скопје, Ж.С.(58) од Скопје и И.П.(49) од Скопје за „несовесно работење во службата“ и против приватната здравствена установа од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело“, соопштија од МВР.
Според наводите во пријавата, двајца тогашни директори на ФЗО во 2020 година, заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните постапки и интерни акти на Фондот. Претседателот на Управниот одбор се сомничи за неправилности при неговото одобрување.
„Врз основа на договорот, преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, здравствената установа наводно наплаќала исти услуги и од Фондот и од пациентите. На пациентите, покрај законската партиципација, им била наплаќана и приватна цена за операциите, при што им било прикриено дека услугите се наплаќаат и од ФЗО“, соопшти полицијата.
Пријавениот директор на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и го одлагал спроведувањето редовни контроли, со што се избегнувало изрекување дополнителни договорни казни и можно раскинување на договорот. Две раководителки на Подрачната служба Скопје се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон установата продолжувале без пребивање на долговите.
Министерот за здравство Сашо Клековски, пак, изјави дека покрај масовната двојна наплата, болницата правела и други прекршоци но никогаш не била казнета.
Европската очна болница и болницата „Санте Плус“ се поврзани субјекти, со иста сипственичка структура.


