САД бараат од членки на НАТО да ја намалат реториката за руска закана

Објавено:

Претставници на Пентагон во последните недели побарале од неколку земји членки на НАТО да ја ублажат својата реторика во врска со заканата што ја претставува Русија, оценувајќи дека некои изјави на европските лидери и официјални претставници ја поткопуваат безбедноста на европскиот континент.

Меѓу земјите што добиле пораки со повик да ги контролираат своите јавни изјави се Литванија, Летонија и Естонија. Не е познато дали ваквите пораки, пренесени на билатерални средби, биле упатени и до други европски влади.

Барањата на САД доаѓаат во време кога администрацијата на претседателот Доналд Трамп повторно ги интензивира напорите за постигнување договор за прекин на војната во Украина, која влезе во петтата година од почетокот на руската инвазија.

Најновата дипломатска иницијатива комбинира понуди за Русија, вклучително и ублажување на санкциите, со притисок врз Украина да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура.

Меѓу изјавите што го привлекле вниманието на американските претставници се оценките на европските лидери дека Русија е притисната во ќош и прибегнува кон сè поочајнички потези додека нејзината инвазија врз Украина напредува сè побавно, изјавил еден од изворите.

Еден од европските претставници изјавил дека советите на Пентагон, иако биле пренесени во пријателски тон, биле збунувачки, со оглед на тоа што разузнавачките служби на балтичките земји во последните месеци постојано ја оценуваат како мала веројатноста Русија да ги тестира одредбите на НАТО за колективна одбрана.

Од друга страна, разузнавачките служби на некои други членки на НАТО јавно предупредуваат дека Русија би можела значително да ја интензивира својата кампања на саботажи во блиска иднина.

Во меѓувреме, планерите на Пентагон ја преиспитуваат воената поставеност на САД во Европа, процес што би можел да доведе до значително намалување на американското воено присуство на континентот.

Американските претставници порачаа дека европските членки на НАТО мора да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана, особено затоа што САД сè повеќе се фокусираат врз заканите на Блискиот Исток, во Латинска Америка и во Источна Азија.