Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи во средата спроведе 5-часовна акциска контрола на товарни возила, насочена кон откривање и санкционирање на неправилности поврзани со претовар, неправилно сместен и необезбеден товар, техничка исправност на возилата, превоз на лица, како и на моторни возила кои се вклучуваат во сообраќај од земјени патишта, градилишта и слични површини, при што нанесуваат кал на коловозот.
„При спроведената контрола контролирани се 781 возило, од кои 92 се упатени на технички преглед. Констатирани се 101 неправилност, а поради утврдените неправилности, 25 возила се исклучени од сообраќај. Во рамки на контролата евидентирани се и три случаи на кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти МВР.
Дополнително, констатирани се и 219 прекршоци од друг вид.
За сите констатирани прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.
Министерството за внатрешни работи. ќе продолжи со спроведување на акциски сообраќајни контроли и апелира до возачите и превозниците да ја почитуваат законската регулатива, да обезбедат техничка исправност на возилата и правилно сместување и обезбедување на товарот, се вели во соопштението.


