Словачкиот министер Бланар од Скопје: Без двојни стандарди за земјите кандидати

Објавено:

Словачка силно го поддржува европскиот пат на Северна Македонија и се противи на двојни стандарди во пристапниот процес, порача словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.

„Треба да дадеме јасен сигнал на регионот дека членството во Европската Унија е реално. Во спротивно, фрустрацијата на земјите кандидати ќе расте и можно е да го изгубиме овој регион“, рече Бланар.

Тој посочи дека не може да има различни критериуми за различни држави во процесот на европска интеграција, споменувајќи ги Украина, Молдавија и Грузија. Додаде дека Северна Македонија може да смета на поддршката на Словачка, но оцени дека сè уште не се исполнува она што беше договорено на Самитот во Солун во 2004 година.

„Ние не можеме да прифатиме дека во европската интеграција која е поставена на ЕУ стандарди има различни критериуми за различни држави. Северна Македонија може да смета на големата поддршка на Словачка во евроинтеграцијата. Ова е наша улога којашто ја потврдивме уште на Самитот во Солун во 2004 година, но денес може да кажеме дека не се исполнува тоа што беше договорено на тој самит“, рече Бланар.

Бланар ја оцени Северна Македонија како успешен пример во спроведувањето на Планот за раст, истакнувајќи дека Владата е посветена на реформите и евроинтегративниот процес.

Тој посочи дека двете земји имаат добри политички односи и најави можности за продлабочување на соработката, особено во културата и автомобилската индустрија, во која Словачка има развиено производство.

Инаку главен фокус на разговорите било натамошното унапредување на билатералните односи и реафирмирањето на словачката поддршка на нашиот процес на европска интеграција.

Министерот Муцунски ја истакна важноста на принципиелната поддршка од Словачка за европската перспектива на Западен Балкан и за полноправното членство на нашата земја во Европската Унија. 

Северна Македонија има статус на кандидат за ЕУ од 2005 година, а уште во 2009 ѝ беше ветено дека ќе ги отвори пристапните преговори веднаш штом се реши спорот за името со Грција.

Иако спорот беше затворен во 2018 година и Атина го повлече ветото, процесот повторно заглави, но овојпат поради Бугарија. Софија го искористи правото на вето и го услови напредокот со барања поврзани со историските и јазичните прашања, како и со уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот.

Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.