ДЗР: Компаниите чекале и до 48 работни дена за парите од унгарскиот кредит

Објавено:

Министерството за финансии доцнело од 10 до 48 работни дена со исплатата на средствата за кредитната линија од унгарскиот кредит наменета за приватните компании, иако договорениот рок за исплата е најмногу 10 работни дена. Ова го утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во конечниот извештај за управувањето со кредитната линија.

Доцнењата почнале со четвртата транша, за мај 2025 година, и продолжиле во наредниот период. Според ревизорите, ненавременото префрлање на средствата кон Развојната банка може да влијае врз динамиката на реализација на инвестициите на компаниите.

ДЗР препорачува Министерството да преземе мерки за навремена исплата на траншите.

За кредитната линија досега биле одобрени кредити во вредност од околу 230 милиони евра, за вкупно 767 проекти. Најголем дел од средствата се одобрени за средните и големите компании, додека малите компании имаат најголем удел според бројот на проекти – 455, за кои се одобрени околу 58 милиони евра.

Според дејноста, најголем дел од кредитите се наменети за производството, со околу 102 милиони евра, а потоа следува трговијата со околу 57 милиони евра. Според видот на инвестицијата, најмногу средства се одобрени за градежни објекти и опрема.

Ревизијата опфатила 123 проекти во вредност од 7,33 милијарди денари, што е околу 52 отсто од вкупно повлечените средства.

ДЗР оценува дека активностите на Развојната банка во однос на законската рамка и управувањето со средствата се во согласност со прописите во сите материјални аспекти, но го издвоил доцнењето на исплатите од Министерството за финансии како прашање што бара внимание.

Кредитната линија е дел од унгарскиот заем од 250 милиони евра, наменет за поддршка на приватните компании. Кредитите се одобруваат со фиксна каматна стапка од 1,95 отсто, рок на отплата до 15 години и можен грејс-период до три години.