Маѓар го истражува унгарскиот кредит за Македонија

Објавено:

Унгарскиот премиер Петер Маѓар соопшти дека го истражува кредитот од една милијарда евра што претходната власт во Будимпешта, предводена од Виктор Орбан, и го додели на македонската влада предводена од Христијан Мицкоски.

Ова е еден од четирите сомнителни случаи на кои Маѓар и неговиот тим прават ревизија, а се поврзани со државната Ескимбанка и други државни компании.

Станува збор за кредит што на Македонија ѝ беше доделен преку унгарската државна Ескимбанка со каматна стапка од 3,25 проценти.

Токму тоа е и сомнителното за Маѓар кој денеска, 23 јули, на брифинг со новинарите, рече дека станува збор за многу поповолна каматна стапка од таа што ја имаат унгарски компании и граѓани кога земаат кредити, но и пониска камата од заемите што ги земала самата унгарска влада, пренесуваат унгарските медиуми.

Според унгарскиот премиер, целиот договор околу заемот за Македонија е обвиткан во тајност за што, наведува, доказ е и фактот дека унгарската јавност била информирана за втората транша од 500 милијарди евра од македонска страна, додека Владата на Орбан не објавила информација.

Унгарскиот кредит беше договорен на средината на 2024 година, односно беше најавен набргу по преземањето на централната власт во Македонија од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Во јули 2024 година од маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски најави дека го договорил заемот со тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан. На 8 октомври 2024, министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска отпатува во Будимпешта каде го потпиша договорот за заем од пола милијарда евра со претставници на унгарската Експорт-импорт банка.

Во декември 2024, македонската Влада потпиша договор и за втор заем од Унгарија од пола милијарда евра, кој беше наменет за раздолжување на еврообврзница.

Половина од првата транша, пак, беше наменета за општински проекти, а останатите 250 милиони евра за поддршка на компании.

Условите по кои државата го добива заемот се 3,25 проценти годишна камата, тригодишен грејс период и 12 години отплата на кредитот.

Ревизијата на работењето на претходната влада во Унгарија, следува откако Петер Маѓар убедливо победи на парламентарните избори во април годинава рушејќи го Орбан по 16 години владеење.