Одговорност на хартија, неказнивост во пракса

Објавено:

Не одат на работа, ама земаат плата. Не се болни, ама користат боледување и си добиваат добар дел од платата. На седници не мора да се пoјават, оти хонорарот секако ќе им биде исплатен. Гориво од државна сметка точат во приватно возило. Овие и уште многу слични примери деновиве беа во фокус на вниманието на јавноста, откако Државниот завод за ревизија ги објави извештаите за работењето на Институтот за јавно здравје и Академијата за судии и јавни обвинители.

Слични содржини сме читале и во минати извештаи на ревизорите, а се однесувале на различни институции, министерства, јавни претпријатија… Забелешките се многубројни и се повторуваат од година в година.

Но, извештаите на ДЗР, чија основна функција е да врши ревизија на користењето на народните пари и да обезбеди транспарентност во работењето на институциите најчесто завршуваат како интересни четива за јавноста или повод за новинарски приказни, коментира дел од стручната фела.

Препораките на ДЗР за спроведена ревизија  во конкретна институција треба да ги спроведе одговорното лице на институцијата. Во тој контекст се поставува прашањето што доколку не ги спроведе, или делумно ги спроведе? Дали државата воспоставила систем за поголема одговорност кај носителите на јавни функции и дали тоа лице одговара пред институцијата што го избрала да раководи?

„Имајќи предвид дека до сега ниту еден носител на јавна функција не е разрешен поради негативно ревизорско мислење за работењето на институцијата што ја раководи…одговорот на споменатите прашања е јасен…Неопходно е да се зајакне одговорноста на избраните и именувани лица, односно да одговараат прво пред институциите што ги избрале. Системот мора да се унапреди и да се користат добрите практики од други земји“, вели поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска.

Главните забелешки на државните ревизори за Институтот за јавно здравје и Академијата за судии и јавни обвинители во 2024 година се поврзани со сериозни неправилности во евиденцијата, финансиското управување и кадровските практики.

Кај Институтот беше регистрирано непостоење на целосна евиденција за прием и потрошувачка на медицински материјали, проблеми со залихи и вакцини без книговодствена контрола, неправилности во кадровското работење, односно ангажирање лица со договор на дело и недоследности при издавање простор под закуп. Кај Академијата биле забележани спорни исплати, неправилности во тендерска документација и набавка на стоки, неконтролирано користење на картички за гориво, исплатени средства за прекувремена работа над законскиот максимум и други.

Имајќи го предвид поранешното искуство, политичкиот аналитичар и новинар Џељал Незири е скептичен дека и овие препораки на ревизорите ќе резултираат со конкретен епилог.

„Има многу извештаи за неправилности и злоупотреби, но ретко за кој од нив има покренато истражна постапка или пак судска одлука како епилог која укажува дека има вистинска борба против корупцијата. Истражните органи мора да постапуваат, да отвораат предмети и да утврдат дали има кривично дело. Без конкретни казни, судски одлуки, плаќање отштета не може да очекуваме подобрување на состојбите. Корупцијата мора да стане неисплатлива, за никој повеќе да не се осмели да го прави истото“, убеден е Незири.

Последниот годишен извештај на ДЗР е за 2024 година. Таа година биле направени 88 ревизии, утврдени 1240 значајни состојби и прашања, издадени  882 препораки кои се содржани во 132 ревизорски извештаи.

„Овие документи не се само административни записи – тие претставуваат реална слика за работењето на институциите, ја рефлектираат состојбата на системите и даваат јасен патоказ за подобрување“, наведуваат ревизорите во тој извештај.

Но, она на што укажува поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска е потребата од менување на моделот на однесување, односно на колективната свест.

„Сѐ што ни се случува е резултат на нивото на колективната свест без оглед кој е на власт. Ако сакаме промени на состојбите/власта, потребно е промена на колективната свест. Затоа е важно до кое ниво  е свеста кај луѓето, дотолку повеќе што таа не е генерирана од природата туку е производ на активностите на општеството што ја произведува. Доста се сее страв кај луѓето со закани дека некој ќе ги избрка од работа или ќе им се освети.  Кој сее страв, жнее гнев и затоа доста е со манифестирање моќ“, заклучува Ивановска.

Искуството покажува дека ретко кој од предметите на Јавното обвинителство поврзани со ревизорските извештаи завршило со истрага или судска одлука. Она што е познато е дека „Онкологија“ е единствениот случај што веќе бил во фаза на истрага, додека кај повеќето други сè уште траеле проверки или биле затворени поради недостиг на основ за гонење.

Обвинителството оформи предмети и по ревизорските извештаи на јавните претпријатија Железници Инфраструктура, Државни патишта и Македонија пат, а во декември 2025 година Јавното обвинителство во Охрид отвори предмет откако ДЗР констатираше сериозни неправилности во работењето на општина Охрид поврзани со урбанистичкото планирање, бесправно градење, субвенционирање на јавни претпријатија и финансиското работење.