Со 43 гласа „за“ и 17 „против“, Комитет за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот Парламент го усвои извештајот за Македонија на известувачот, Томас Вајц.
Во усвоениот извештај, членовите на Комитетот наведуваат дека реформскиот напред на земјава не е доволен, дека има постојани проблеми со корупцијата, слабо владеење на правото и длабока политичка поларизација. Сето ова според нив, претставува „неприфатлив финансиски и безбедносен ризик за земјите-членки и нивните граѓани“.
Тие истакнуваат дека напредокот во преговорите за евроинтеграциите продолжуваат да зависат од длабински реформи, а голема пречка за нив, претставува корупцијата.
„Корупцијата останува широко распространета во многу области од јавниот живот и продолжува да ја поткопува довербата на граѓаните во институциите, при што е забележан ограничен напредок во истрагите и гонењето на случаи на високо ниво на корупција“, се додава во извештајот.
Во него се содржат 11 компромисни амандмани од вкупно 403 кои беа објавени во март, но нивната содржина сè уште е непозната за јавноста. Усвоени се и два засебни амандмани на бугарските европратеници кои ги повикуваат македонската и бугарската влада да ја одржат третата меѓувладина комисија за спроведување на Договорот за добрососедство, но и Историската комисија да постигне опипливи резултати.
Станува збор за амандманите 371 и 374 , во кои бугарските европратеници се повикуваат на членот 12 од Договорот за добрососедство со барање за трета меѓувладина комисија меѓу Скопје и Софија и имплементација на протоколите.
Известувачот Вајц претходно, во обраќање пред членовите на АФЕТ, извештајот за Македонија го нарече тешко досие кое се подготвувало со голема поддршка од 5 групи во Европарламентот.
Европратениците порачаа дека ја поддржуваат Македонија на патот кон ЕУ, но жалат што има недостаток на напредок од последниот извештај за земјата. Ги повикаа сите политички партии во земјата да се оддалечат од жестата реторика и да соработуваат за унапредување на патот кон ЕУ. Предупредија на странско мешање и дезинформациски кампањи.
Сè уште не се знае дали амандманот 108 на известувачот Вајц, е вметнат во компромисните амандмани кои денеска го поминаа филтерот на АФЕТ. Во него се бараше правната служба на Европскиот Совет да оцени дали Вториот Проткол со Бугарија е дел од преговарачката рамка.
Извештајот за Македонија денеска беше изгласан брзо, а известувачот Вајц кратко порача дека иднината на земјата е во Европската унија. Следен чекор е гласање на пленарна седница која се очекува до крајот на месецот.


