Нема да го сменам ставот за уставните измени, рече Мицкоски еден ден по средбата со Кошта

Објавено:

Нема цена што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која нема да има извесен крај, изјави премиерот Христијан Мицкоски како одговор на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта кој вчера во Скопје изјави мора да се донесат уставни измени за да почнат преговорите за влез во ЕУ. Премиерот ги повика граѓаните да се обединат за ставот на Владата по ова прашање.

„Но, она што е договорено е договорено и тоа мора да се испорача. И ништо повеќе од тоа. Тоа значи дека она што е договорено во 2022 година треба да го испорачате“, рече Кошта на вчерашната прес-конференцијата по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Денеска, Мицкоски изјави дека со Кошта имал изградено искрен однос и дека не се сложуваат со тоа прашање, односно дека ставот на Владата за уставните измени ќе остане јасен и непроменет.

„Ние се наоѓаме на истото место каде што се наоѓаме пред 26 години. Од информациите коишто јас ги имам и тоа што ми беше соопштено од билатералната средба меѓу министрите за надворешни работи, нашиот и на нашиот источен сосед, мислам дека таму драматично се радикализира состојбата, и не само што ова не е единствениот услов за да влеземе во процесот и тој процес да го изодиме до крај, туку напротив, таму работите драматично се радикализираат, а причината за тоа е, нормално, опозицијата кај нас, која, за жал, не бира средства за да ги урива позициите на Владата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и претставува мекото ткиво на македонскиот национален идентитет“,рече Мицкоски на економската прес конференција во Владата.

Тој притоа ја повика македонската јавност да застане и да се обедини околу политиките на Владата кога станува збор за ова прашање.

„Колку повеќе сме заедно, обединети, толку повеќе сме силни и дома и надвор. А овие коишто се мекото ткиво, ќе бидат наскоро поразени и минато на политичката сцена во државата“,додаде тој.

Тој истакна дека не очекува промена на позициите на Софија, особено не сега по изборот на новата бугарска Влада.

„Јас не очекувам од страна на Софија промена на ставот, најпрвин да бидеме тука директни и прецизни, посебно не сега таму кога оваа нова Влада е во т.н. политички меден месец. За да направат пренос на вниманието од домашните проблеми, тие ќе се обидат да креираат ваков тип на прашања во коишто ќе се покажат како луѓе кои што ќе ги штитат нивните интереси. За разлика од кај нас, таму постои единствено мислење кога станува збор по ова прашање“, изјави премиерот Мицкоски кој повтори дека на нашата политичка сцена има уште една група која по секоја цена сака да ги урниса позициите на Владата.

Претходно европскиот претставник Кошта на 2 јуни повтори дека пристапниот процес се заснова на заслуги и се дефинира со Копшенхашките критериуми кои точно ја наведуваат одлуката за преговарање за секоја земја кандидат.

„Рамката со Северна Македонија е веќе договорена и таа останува таква, ништо повеќе и ништо помалку“, заклучи претседателот на Европскиот совет.

Пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година. Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Овој услов дојде откако во 2017 државата постигна Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија. Односите меѓу две држави се заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.

Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.

Расположението на македонските граѓани за влез во Европската Унија и натаму е претежно позитивно, иако поддршката е пониска отколку пред една деценија и е проследена со скептицизам околу процесот. Последната анкета на Евробарометар покажа дека околу 69 проценти од македонските граѓани ЕУ ја поврзуваат со подобар животен стандард, слободно движење и економски можности.