Муцунски: Во овој момент нема услови за уставни измени

Објавено:

„Нашата држава не е подготвена за уставни измени“, изјави денеска (7 мај) министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Одговарајќи на новинарско прашање за билатералните односи со Бугарија, тој порача дека има недостиг на доверба и  на кредибилитет во однос на испораката кон нас како држава.

„Така што, во овој момент услови за уставни измени нема и Владата не е подготвена да преземе каков било чекор кон уставни измени“, истакна Муцунски во одговор на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој е во прва официјална посета на земјата.

„Дали ние правиме конкретни работи поврзани со нашата европска перспектива, не сакам да бидам репетитивен бидејќи ова е тема што е многу актуелна во последниот период. Да, правиме. Првото е тоа што го правиме во однос на реформската агенда. Второто е тоа што го правиме во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, но многу повеќе е она што го правиме за имплементација на европските вредности“, додаде Муцунски.

Во однос на тоа дека денеска се очекува да биде врачен мандатот за составување влада на Бугарија на Румен Радев, министерот истакн дека негова цел не е ниту да рецензира резултат од избори ниту да рецензира изјави што доаѓаат од Софија бидејќи, како што рече, би навлегол во туѓиот наратив.

Тој додаде дека „при постоењето на една претходна политичка влада“ имало недостиг за волја на дијалог од страна на Бугарија.

„Јас се надевам дека има свест во Софија оти европската перспектива за нашата држава е значајна за целиот регион. И да нема таква свест и да не се развие таква свест, тоа не значи дека ние размислуваме за некоја алтернатива, но ние ќе продолжиме на патот на реформите, ќе продолжиме на патот на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика и ќе продолжиме да ги споделуваме овие европски вредности во кои верува огромно мнозинство наши граѓани“, нагласи Муцунски.

А на денешната заедничка прес конференција, генералниот сектерат на Советот на Европа, Берсе изјави дека „Северна Македонија игра многу важна улога за стабилноста и демократската отпорност во цела Европа и низ целиот Западен Балкан“.

„Во оваа геополитичка средина многу е важна улогата на Советот на Европа во одржувањето на демократскиот курс, стабилноста на Европа како целина, развивајќи заеднички правен простор за земјите-членки за да можат да ги решат проблемите заедно во еден заеднички простор и европска безбедност“, рече тој.