По тричасовни разговори со Путин, Виткоф и Кушнер заминаа за Киев

Објавено:

Повеќе од три часа траеле разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американските медијатори пријателот и бизнисмен на Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер, јавува новинската агенција Ројтерс, пренесувајќи изјава на висок функционер во Кремљ Јуриј Ушаков. Според неговата изјава Путин одржал повеќе од тричасовни „исклучително корисни“ разговори со двајца американски пратеници кои бараат договор за ставање крај на војната во Украина.

Но, Ушаков не даде никакви индикации за каков било напредок, туку само посочи дека „Американците Стив Виткоф и Џаред Кушнер изложиле низа идеи во врска со можните патишта за решавање“, без да ги прецизира тие идеи. Тој истакнал дека Путин им кажал на двајцата медијатори дека Русија постигнува „вистински напредок“ на боиштето и дека е уверена во постигнувањето на своите цели, додека ја истакна потребата од решавање на „сите основни причини за конфликтот“. Тој додаде дека пратениците ја изложиле позицијата на САД и ветиле дека ќе му ги претстават ставовите на Путин на украинското раководство за време на нивните разговори во Киев.

Руската страна ги опиша преговорите како искрени и конструктивни, но истовремено порачала дека Москва нема да отстапи од своите барања, спречување на Украина да стане членка на НАТО, нејзина демилитаризација и преземање целосна контрола врз регионот Доњецк.

Ова се изјави кои Москва ги дава повеќепати откако Путин ја започна целосната инвазија врз Украина од февруари 2022 година. Трите страни ги интензивираа воздушните напади на долги релации во последниве недели, додека линиите на фронтот главно остануваат статични.

Путин ги пофали напорите на Трамп

Официјален претставник на Белата куќа за Ројтерс изјави дека разговорите биле „содржајни“ и дека следните чекори ќе бидат објавени во претстојните недели. Немаше коментар од Виткоф и Кушнер, кои за првпат од јануари беа во посета на Москва во име на претседателот Доналд Трамп. Тие заминаа од Москва набрзо по разговорите и во недела треба да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

„Разговорите ги надминаа рамките на обична размена на мислења за решавање на украинската криза. Подетално се разговараше за економски прашања и за потенцијални големи, взаемно корисни руско-американски проекти“, изјави рускиот функционер Ушаков.

„Сè на сè, може да се каже дека преговорите беа навремени и исклучително корисни за двете страни“, додаде тој.

Инвестицискиот советник на Путин, Кирил Дмитриев, објави на платформата X дека средбата била „важна мировна посета“. Тој и Ушаков беа присутни на состанокот.

Рускиот претседател ги пофали напорите на Трамп за ставање крај на војната.

„Разбирајќи дека влегува во тешка ситуација, тој сепак не ги запира своите напори да помогне да се постигне решение и да даде свој придонес во решавањето на руско-украинскиот конфликт“, изјави Путин во телевизиското обраќање на почетокот од разговорите.

Трамп во петокот сугерираше дека САД имаат нов предлог насочен кон завршување на војната, но не изнесе детали.

Безбедносен договор за летовите

Путин вети дека ќе ја заштити безбедноста на американските преговарачи. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека Путин и наредил на руската армија да не го напаѓа Киев три дена поради нивната посета.

За да се обезбеди сигурно патување на американските делегати, украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Украина ќе се воздржи од напади врз Москва во следните неколку дена, по што Путин исто така нареди привремен прекин на нападите врз Киев.

Дипломатската иницијатива се одвива во услови на висока напрегнатост, откако Русија претходно ги гранатираше киевските аеродроми и седиштето на украинската служба за безбедност (СБУ), што Зеленски го протолкува како обид да се попречи доаѓањето на американските претставници.

Разлика во позициите

Во изминатите 10 дена, Русија дење и ноќе го гранатираше украинскиот главен град со ракети и дронови, вклучувајќи и напад во петокот врз штабот на безбедносната служба СБУ.

Украина во текот на летото нанесе штетни удари врз руските рафинерии, нафтени терминали и магацини на онлајн трговецот Wildberries, во обид да ги зголеми трошоците за Москва за продолжување на војната. Зеленски изјави дека Киев е подготвен да се воздржи од напади врз Москва до понеделник.

Русија и Украина остануваат оддалечени во ставовите за тоа како да заврши војната, која стана најсмртоносна во Европа по Втората светска војна.

Кремљ во петокот соопшти дека позицијата што Путин ја изнесе во говорот пред две години, дека Украина треба да ја предаде целата територија на четирите региони што ги бара Русија и да се откаже од планот за зачленување во НАТО е „непоколеблива“.

Последни објави