Десетици илјади луѓе на плоштадот во Загреб

Објавено:

„Марш за Лика, Марш за Хрватска “ е мотото на протестот кој денеска се оддржа во хрватскиот главен град Загреб, на кој се собраа десетици илјади луѓе. Големата протестна поворка тргна нешто пред пладне.

Протестот е организиран од Граѓанската иницијатива „Госпиќ е наш дом“ поради десетици илјади тони нелегално фрлен отпад во областа Госпиќ. Учесниците, многумина облечени во хрватски знамиња, го изразија своето незадоволство со свирчиња и транспаренти. Меѓу пораките што ги носеа беа „Тргнете го!“, „Доста е“, „Лика е сакана, а не предадена“, „Госпиќ не е депонија! Лика не е депонија!“, „Не го трујте нашиот дом“ и „Време е за акција и санација, а не за бирократија!“.

На транспарентите можеа да се видат и пораки упатени до Владата на Хрватска, меѓу кои беа „Долу Владата што ја труе нашата земја – додека прави профит за туѓ отпад“ и „Доста од одложувања и лаги, итно е потребна санација на сè“.

Илјадници граѓани се собраа на плоштадот Бан Јелачиќ, додека собраните извикуваа „Госпиќ, Госпиќ!“, за време на обраќањето на организаторот.

Меѓу демонстрантите беше и познатата хрватска пејачка Северина, која даде поддршка на протестите. Северина им се обрати на новинарите со многу лични зборови и ја поврза својата борба со борбата на граѓаните на Лика.

„Јас сум тука, како сите овие луѓе, и затоа што сум државјанка на Република Хрватска. Затоа што поминав низ многу тежок период кога ми го зедоа детето преку корупција. И еден дел од мене умре“, рече таа.

Таа објасни како тој дел од неа се претворил во движечка сила за борбата против неправдата, против лицемерието на политичкиот систем кога станува збор за заштита на децата.

„Вчера моето дете, денес децата на Лика, Госпиќ. Тие имаат полни усти со деца“, рече таа.

Организаторите на протестот бараат итна и целосна санација на загадените места, утврдување на одговорноста за фрлањето отпад и јасно дефинирани рокови за негово отстранување. Тие предупредуваат дека отпадот претставува сериозна закана за здравјето на граѓаните и животната средина на Лика.

Последни објави