Специјалните американски претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер пристигнаа во Москва како дел од новиот обид на Белата куќа за ставање крај на војната на Русија против Украина. По посетата на Москва, предвидено е и посета на Киев.
Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин ќе ги прими двајцата претставници на 5 септември. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека Путин наредил тридневен прекин на руските напади врз Киев, почнувајќи од полноќ, пред нивната планирана посета на украинскиот главен град, кој Русија жестоко го напаѓаше изминатата недела.
Овие случувања доаѓаат откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за намерно гаѓање на двата аеродроми во Киев за време на ноќните напади, со цел да се попречи посетата на американските медијатори. Во останатите руски напади низ Украина загинаа најмалку пет лица.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон има „идеја за мир“ и дека неговите претставници „носат предлог за завршување на војната“, која сега влегува во петтата година откако Путин ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
„Ги испратив да видат дали можеме нешто да постигнеме, и постои добра шанса да успееме во тоа“, изјави Трамп во Белата куќа на 4 септември. Трамп не откри повеќе детали од предлогот. Од друга страна, Путин во последните изјави не покажа знаци на компромис, инсистирајќи меѓу другото дека Русија мора да го контролира целиот источен регион Доњецк во Украина, вклучувајќи ги и деловите што нејзините сили не успеаја да ги заземат во годините на тешки борби.
Одговарајќи на растечката загриженост на Западот дека Русија би можела да нападне членка на НАТО за да ја тестира одлучноста на алијансата, Трамп повтори дека не верува оти Путин планира таков потег.
„Зборувам со него. Многу добро го познавам. Путин не бара да нападне територија на НАТО“, рече Трамп.
Зеленски повика на прекин на воздушните напади
Зеленски на 4 септември изјави дека „денеска беше јасно утврдено дека американските претставници во наредните денови ќе бидат во Украина и во Русија“ и повика на пауза во воздушните напади од двете страни за да се олесни одржувањето на средбите. Тој додаде дека американскиот тим го информирал оти Виткоф и Кушнер ќе го посетат Киев на 6 септември, еден ден по нивните разговори во Москва.
Наредбата на Путин за прекин на нападите врз Киев од 6 до 8 септември уследи следниот ден. Песков не спомена други делови од Украина кога им ја пренесе одлуката на руските медиуми, која дојде во ек на извештаи дека Русија ги продолжила нападите на други места во Украина пред планираната пауза.
Зеленски на 5 септември изјави дека руските сили целеле на киевските аеродроми Жуљани и Бориспил, обвинувајќи ја Москва дека се обидува да создаде несигурност околу планираното патување на американските претставници во Украина.
„Очигледно, овие руски напади врз аеродромите се реакција на дискусиите и подготовките за можноста американската страна да користи авион за патување во Украина“, напиша Зеленски на социјалната платформа X, додавајќи дека од украинска страна нема да има „никакви закани за дипломатијата“.
Летот кон Киев би бил многу необичен. Украинскиот воздушен простор е затворен за редовни цивилни летови откако Русија ја започна целосната инвазија во 2022 година, а странските лидери и официјални лица кои го посетуваат главниот град главно пристигнуваат со воз.
Посетата доаѓа само неколку дена откако руски напад со дрон го погоди штабот на домашната безбедносна служба на Украина (СБУ) клучна агенција која би била одговорна за безбедноста на американските претставници за време на престојот.
Нов дипломатски замав
И покрај повикот на Зеленски за взаемна пауза пред новата рунда дипломатски разговори, Русија продолжи да гаѓа локации низ Украина на 5 септември, при што загинаа пет лица, а пет беа ранети во индустриски објект во регионот Днепропетровск. Властите објавија и за ранети во регионите на Киев и Миколаив. Украинската армија соопшти дека Москва искористила балистички ракети Искандер-М и најмалку 167 дронови.
Посетата на американските медијатори на Киев ќе биде нивна прва посета на Украина откако презедоа водечки улоги во напорите на администрацијата за прекин на војната. Трамп го постави завршувањето на најголемата војна во Европа од 1945 година како приоритет кога ја презеде функцијата во јануари 2025 година, но договорот остана недостижен, а дипломатијата беше во застој од почетокот на американско-израелската војна со Иран во февруари.
И покрај обновената дипломатија, фундаменталните разлики меѓу Москва и Киев остануваат. Кремљ соопшти дека позицијата на Путин, Украина да се откаже од четирите региони (Доњецк, Луганск, Запорижје и Херсон) и од амбицијата за членство во НАТО, останува „непоколеблива“. Киев, од друга страна, бара прекин на огнот на постојните линии на фронтот, но одбива отстапување територии и инсистира на безбедносни гаранции.


