„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила. А меѓународното право не може да биде прашање на избор кога неговото почитување не ни одговара“, му рекол министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на неговиот украински колега Андреј Сибиха на денешната средба во Киев, Украина.
Во фокусот на разговорите биле можностите за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и соработката меѓу двете земји, како на билатерален, така и на мултилатерален план, соопштија од ресорното министерство.
„Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на економската соработка, европската перспектива на двете земји, актуелните безбедносни предизвици, како и на можностите за учество на нашата држава во процесот на закрепнување и реконструкција на Украина“, се вели во соопштението од македонското МНР.
Во разговорите било нагласено и поширокото значење на безбедноста на Украина за европската и трансатлантската безбедност, како и потребата од заеднички и координиран ангажман на сојузниците и партнерите во создавањето услови за праведен и траен мир.
„Американското лидерство и европската одговорност мора да дејствуваат заедно. Така го зајакнуваме одвраќањето денес. Така ги создаваме условите за мир утре. И така обезбедуваме тој мир да биде траен“, порачал министерот.
Од МНР велат дека Муцунски ја потврдил и подготвеноста на Република Северна Македонија да продолжи да придонесува кон меѓународните напори за поддршка на Украина, како и активно да се вклучи во процесот на нејзино закрепнување и реконструкција.
„Сакаме тој ден да дојде што е можно поскоро. И кога ќе дојде, мојата држава има намера да биде тука – не само како пријател кој стоел со Украина во тешките времиња, туку и како партнер во нејзиното закрепнување и реконструкција“, порачал Муцунски.
Двајцата министри ја потврдиле подготвеноста за натамошно продлабочување на билатералната и мултилатералната соработка, како и за унапредување на политичките и економските односи меѓу двете земји.
Муцунски денеска за првпат го посети Киев од почетокот на руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.


